Јанкулоски: Влада на национален спас е излезот, а потоа избори

Денес сме тука сите заедно во еден глас да побараме оставка и да кажеме доста е. Доста беше со предавство и распродажба на Македонија и сѐ што е македонско. Но, да се разбереме. Проблемот е само дома, дома и нигде на друго место. Не е ниту во Бугарија, ниту во Грција, ниту во ЕУ, туку проблемот е, и се вика Зоран Заев, истакна од денешниот протест пред Влада Живко Јанкулоски, претседател на ПОДЕМ.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата изјава:

Мораме да го запреме на секаков начин во намерата да го тргува македонскиот јазик, идентитет и историја. Обезличени и со свиткана кичма за да ги отпочнеме преговорите со ЕУ кои имам впечаток дека за жал, никогаш нема да завршат.

Како такви без идентитет јазик и историја, ниту нас ни е потребна Европска унија, а ниту ние им требаме на Европската унија.

Затоа, почитувани граѓани на Република Македонија, мораме да се обединиме. Мораме да се обединиме и ништо друго не ни преостанува. Во интерес на сите без разлика на вера, партија, сите кои што си ја сакаме Македонија, е обединети да го запреме ова зло во неговата намера за предавство и распродажба на Македонија и се што е македонско.

Ова што денес го прави е само еден свршен чин на неговото ветување, а не смееме да заборавиме што сѐ претходеше, туку мораме одвреме навреме и да се потсетуваме. Во изминатите четири години негово и нивно владеење се случи потпишување на Преспанскиот договор со кој го сменија името, го поткопаа јазикот и идентитетот, се откажаа од македонското малцинство и избришаа се што е македонско за да сега ни дојде ова што сега ни доаѓа. Го сменија Уставот наспроти волјата на народот искажана на референдум, ја уништија економијата, го осиромашија народот, ја задолжија Македонија со над 62%.

Не остана ништо ниту од буџет, ниту од економија. За жал, ги имаме тие да владеат се уште. Ги имавме секојдневните афери и секој ден слушавме по некој „Рекет“, еден, два, три, не знаеме колку се, ќе излезат понатаму најверојатно. Го партизираа судството, затворија невини луѓе по затвори, се служеа со нарачани пресуди и понатаму продолжуваат почитувани граѓани да се служат и тука мораме да ги сопреме.

Имаме во делот на економијата катастрофални последици во областа на земјоделството. Земјоделците денес се оставени сами на себе, гледате што се случува. Имаме катастрофално образование. Замислете колкава е бројката на родители кои што не можат да има овозможат онлајн настава. Имаме родители кои станаа поединечни наставници на своите деца. Катастрофа е во образованието, исто така и во високото. Што да кажеме за здравството?!

Здравството и КОВИД, први сме во светот за жал. Први сме и никако да им текне да си дадат оставка. Да си даде оставка и министерот Филипче и да дојди некој друг, да ги преземе мерките, да не заштити сите нас. Веќе сме држава со над просечно 40 смртни случаи дневно и над илјада заразени. Први сме во светот, водечко оро водиме во однос на КОВИД.

Имаме над 45 илјади отпуштања од работа и не се гледа крајот на ваквата политика и тоа за овој краток временски период и при потрошени над милијарда денари. Затоа уште еднаш ги повикувам сите, и оние што се тука и оние кои сѐ уште не се приклучиле во обединувањето, пратениците кои се во власта, коалиционите пратеници во мнозинството. На сите заедно пред сѐ да им биде државата.

Да побараме оставка, да се изгласа недоверба, да се формира експертска влада со цел да се организираат предвремени парламентарни избори во моментот кога ќе се создадат поволни здравствени услови.

Исто така, ги повикувам и пратениците од опозицијата. Морате да ја блокирате работата во Собранието сѐ со цел да се спречи ова што ни се спрема за да се уништи Македонија и да се уништи сѐ што  е македонско. Мораме сите заедно да ѝ помогнеме на Македонија, сите обединети.

Ги повикувам сите, и политички партии меѓутоа и граѓани да се придружат на ова обединување. Ова не е само за нас, ова е за сите граѓани на Република Македонија, за доброто на граѓаните на Република Македонија.