Рикер ги охрабрува Заев и ЕУ да бараат решение за билатералните прашања надвор од интеграцијата на Македонија во ЕУ

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент и поранешен амбасадор во Скопје, Филип Рикер, во писмо до премиерот Заев истакнува дека САД остануваат посветени во поддршката на Македонија за нејзините интеграции кон Европската унија и изразува разочарување што земјите членки на ЕУ не постигнале согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ за Македонија.

„Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“, пишува амбасадорот Филип Рикер во писмото до премиерот Заев и додава дека САД ги следат и разбираат предизвиците и сложените прашања низ кои поминува процесот и истакнува дека Северна Македонија и досега покажала дека не отстапува кога е неопходно да се завршат успешно потребните процеси за да се обезбеди одржлив мир, сигурност за просперитет за своите и за граѓаните на соседните земји.

Рикер, кој беше амбасадор во Скопје од септември 2008 до август 2011 година, а претходно низа години беше дел од персоналот на америакнската дипломатска мисија во земајта, пишува и дека Македонија тоа го докажала со постигнувањето на историскиот договор од Преспа со кој беше сменето уставното име на земјата и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година со кој споеед него се „поставени темелите за посилни односи меѓу двете земји“.

„Ве охрабруваме и вас, и земјите членки на ЕУ, да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите. Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската  иднина на Македонија која земјата покажа дека ја заслужува“, пишува амбасадорот Рикер.

Во писмото до премиерот Заев се нагласува дека САД продолжува со поддршката на овие настојувања и се изразува надеж дека овие процеси ќе резултираат со одржување на континуитетот на Македонија на патот кон ЕУ.

„Остануваме ваши партнери оптимисти дека меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ ќе се одржи наскоро“, се вели во писмото на Рикер до Заев.