Работниците од Еурокомпозит, три години оставени на улица

Повеќе од три години неизвесна е судбината на вработените во прилепската фабрика за наменско производство Еурокомпозит која некогаш броеше над 1800 вработени, а денеска има само 50-тина вработени.

Разочарани од немањето слух на власта, вчера вработените го блокираа патниот правец Прилеп Плетвар на излезот од градот и протестираа во знак на револт бидејќи официјално им било кажано дека нема предвидено ставка во Буџетот за исплата на заостанатите придонеси иако за таква исплата има законско решение донесено пред една година токму од Собранието.

Еден од поранешните вработени во државната компанија Еурокомпозит, Цветан Бунтески вели дека нивната голгота е долга и нема крај како и дека револтот кај работниците е голем, додавајќи дека единствено им останува да протестираат двапати неделно, а за среда најавуваат и протест пред владата.

-Дефинитивно, ни рекоа, дека во новиот буџет нема ставка за нас, ниту за исплатата на придонесите. Нема ниту од најавите дека ќе се продава фирмата за да бидеме исплатени. Оваа наша голгота нема крај. Ни преостанува еднаш до двапати неделно да протестираме, а за среда да протестираме пред Владата, вели Бунтески.

Ова не е прв пат вработените од оваа државна компанија да бидат излажани и оставени сами на себе. Имено пред само неколку месеци истите се пожалија дека веќе 8 месеци немаа земено ниту денар, а дека не им следувало ниту помош од државата преку еден од трите антикризни мерки од владата.

-Осум месеци немаме ниту денар примено, сите приватни фирми земаа некакви ваучери, некаква помош, а ние немаме ниту денар земено досега. Имаме и жалба пуштено до УЈП, но немаме добиено никаков одговор од нивна страна. Зошто ние да не добиваме никакви ваучери за туризам и купување на домашни производи, требаше да не следува и нас, макар што ние нема да го користиме тој за туризам бидејќи ние не можеме да преживееме, а не да шетаме, и апсолутно сме заборавени, изјави тогаш еден од вработените за една национална телевизија.

Се појасно е дека власта и премиерот Зоран Заев немаат слух за проблемот и маките на овие граѓани бидејќи и покрај тоа што Заев уште во 2017 година им вети дека проблемот со фабриката ќе виде решен, а вработените ќе си ги добијат своите плати и придонеси, но по вчеашниот ден се испостави дека се е само уште една лага во низата лаги на премиерот Заев и власта.

Дали ќе се изборат за правда вработените од Еурокомпозит останува да видиме, но со оглед дека и претходно неколкуте протести пред владата, средбите со претставниците од власта како и неколкуте изјавени ветувања не беа доволни и не вродија со плод за надминување со проблемот со кој се соочуваат.

Ситуацијата е катастрофална, а тоа го потврдува и фактот дека прилепската компанија Еурокомпозит не е единствена компанија која згасна веднаш со доаѓањето на СДСМ и Заев на власт.

За потсетување на јавноста, за време на владата на СДСМ, освен вработените на прилепската компанија Еурокомпозит, со истиот проблем се соочија и вработените на фабриката за шински возила Колска која во неколку наврати преку штрајк бараа исплаќање на неисплатените плати и обезбедување на репроматеријали за работа.

Поради лошите економски политики се затвори и кривопаланечката фирма Веибо од која егзистираа 150 фамилии.

Еурокомпозит е фабрика која претходно работеше со полна пареа, а од неа се прехрануваа дури над 1800 семејства, додека сега истата брои едвај 50-тина вработени кои стравуваат за својата животна егзистенција но и за своето здравје бидејќи не само што не добиваат плата, туку и немаат право на здравствена заштита со партиципација, а дворот кој некогаш беше преполн со работници, сега е двор зараснат со трева, без струја, затворени погони и украдена опрема.