Иран ја потврди верзијата за сателитско наведување при атентатот врз нуклеарниот научник

Убиството на водечкиот ирански нуклеарен физичар Мохсен Фахризаде во атентатот од 27-ми ноември крај Техеран бил организиран со употреба на современи електронски средства со сателитско наведување, изјави во неделата портпаролот на елитните ирански воени единици Корпусот на гардата на исламската револуција, Рамезан Шариф.

„За убиството на Фахризаде користените се современи електронски средства“, го цитира агенцијата Fars портпаролот Шариф. Додал дека „Израелците многу добро се свесни дека нивните постапки нема да останат без одговор“.

Претходно седмицава телевизијата Al Alam објави дека убиството Фахризаде биле извршено со автоматско огнено оружје, кое било наведувано од сателит. Во средата портпаролот на иранската влада, Али Рабија, објави дека иранското разузнавање успеало да открие кој стои зад убиството на нуклеарниот физичар и шеф на научниот одел во иранското министерство за одбрана, кого Западот го сметаше за главен научник во развојот на иранската нуклеарна програма.

„Министерството за разузнавње на Иран ги идентификуваше инволвираните лица. Во моментов се проучуваат сите аспекти. Веднаш штом ќе заврши тој процес, ќе биде разработена и соодветна реакција“, изјави Рабија за новинската агенција Tasnim.

Мохсен Фахризаде почина во болница од здобиените повреди во атентатот изведен на 27-ми ноември во градот Абсард, во округот Дамаванд во покраината на главниот град Техеран. Иранското министерство за одбрана потврди дека убиениот научник бил шеф на одделот за истражување и иновации, а претседателот на иранскиот парламент, Мохамад-Багер Галибаф прецизираше дека убиениот бил и заменик министер за одбрана.

Телевизијата Al Alam објави дека оружјето инсталирано во возилото оставено на трасата по која минувал автомобилот со Фахризаде било насочувано од сателит. Истовремено беше известено и дека на местото на нападот се случила и експлозија на автомобил-бомба, за што првично се сметаше дека имала цел да го забави движењето на возилото со научникот и неговото обезбедување. Според агенцијата Fars, Фахризаде бил застрелан од растојание од 150 метри од далечински управувано оружје инсталирано во автомобил од марката „нисан“. Освен Фахризаде, во нападот загинаа и неговите телехранители.

Наводите за отсуство на директни извршитело на местото на нападот ги потврдија иранските власти, прецизирајќи дека според тоа е можно да се идентификува кој го планирал атентатот и учесниците во убиството на Фахризаде. Според функционери во Техеран, покрај терористичката Организација на муџахедините на иранскиот народ и Израел, во убиството на Фахризаде вмешани се и САД и Саудиска Арабија.

Иранските власти претходно го обвинија Израел за убиството, како и екстремистичката „Организација на муџахедините на иранскиот народ“ на сунтиското малцинство во Иран, кое во ирачко-иранската војна од 1980-те години се бореа на страната на ирачкиот сунитски диктатор Садам Хусеин. Подоцна под покровителство на САД, за нив повеќе од две децении беше организиран бегалски и камп за обука крај ирачката престолнина Багдад, но откако во Ирак кој е мнозински шиитски започна борбата против Исламската држава, со ангажман на тогашната државна секретарка Хилари Клинтон од администрацијата на претседателот Барак Обама, тие беа дислоцирани во Албанија.

Според ланското соопштение на Институтот за статистика на Албанија, во 2018 година во земјата вкупната бројка на Иранците припадници на заедницата која се нарекува сунитски муџахедини изнесувала околу шест илјади.