Пендаровски направил голема грешка со одбивањето членство во ЕЕЗ (European Economic Area). Пред месец дена МК се зачлени во BSEC, Црноморска економска заедница, каде членуваат Турција, Русија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Украина, Ерменија и др.земји.Ова е економски форум/ организација со неспоредливо помал капацитет и привилегии кои ги нуди членството во Европската економска зона, порача преку Фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.
– Но, дури и зачленувањето во BSEC помина по ред, одлука на влада, анализа, информација, консултација со претседател, апликација на МНР, дебата на Комисијата за надворешна политика во Собрание, одлука за ратификација во Собрание, потпис од Претседател. Пендаровски со вонинституционалното одбивање на понудата за членство во ЕЕЗ направил две крупни грешки, на штета на Македонија. Тој е Претседател, но не е монарх за да може сам, без консултации со Владата и Собранието, без консултации со стопанските комори, да одлучи за надворешно-политичките и економски перспективи кои ѝ се нудат на државата, и Пендаровски на Македонија ѝ ускратил многу добра економска перспектива во една организација во која членуваат земјите од ЕУ, како и Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и делумно Швајцарија, која перспектива воопшто не е во колизија со идното можно членство во ЕУ – напиша Милошоски.
Тој додава дека Европската економска зона има четири столба, а тоа се слободен проток на стоки, услуги, луѓе и капитал меѓу членките на оваа економски влијателна зона.
– Земјите членки на ЕЕЗ се должни да усогласат голем дел од своето законодавство со регулативите на ЕУ, а имаат и заеднички Комитет, како и заеднички ЕЕЗ-ФОНД од кој се одвојуваат средства за помалку развиените подрачја во државите членки. Претседателот Пендаровски, дали со знаење или од незнаење, сепак многу згрешил – смета Милошоски.