Стево Пендаровски покажа дека работи како продолжена рака на Зоран Заев и денес настапи каков негов слуга наместо како слуга на народот. Неговото бледо издание практично значи споделување на одговорноста за фијаското кое и се случува на државата на економски, политички и здравствен план, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
– Бидејќи Пендаровски не е задоволен од функционирањето на кризниот менаџмент со корона кризата, прашањето е што тој направи за да го смени тоа, освен што ја гали суетата на најнеуспешниот премиер во историјата на земјата Заев и служи како испомош секогаш кога Заев ќе западне во криза. Впрочем дека Стево Пендаровски не е искусен за позицијата која ја има се зборови на самиот Заев – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до членството до Европската економска зона, од партијата велат дека продолжува незрелото однесување на шефот на државата.
– Наместо да прераскажува состаноци, лични впечатоци и лични мислења без да има расправа во државните институции така само потврдувајќи дека султански пресекол и дека нема базично познавање на поимите Европска економска зона и Европска економска заедница, треба да понесе одговорност за тоа што еднострано, вонинституционално одлучил и отфрлил земјава да биде членка на значајна организација како што е Европската економска зона. Негова вина и резултат на општа неспособност на овој државен врв е што не се избори за членство во Европската економска зона и членство во Европската Унија, а не да се наметнува состојба на избор „или едното, или другото”. И сега кога ефектот на владеењето на Заев е рецесија и вето, и Пендаровски и Заев треба да одговорат која е алтернативата која не ја нудат? Се разбира ова прашање нема да се чуе на договорените изјави и интервјуа, но ова е прашање кое си го поставува и го засега секој еден граѓанин на државата – смета ВМРО-ДПМНЕ.