9.8 C
Skopje
сабота, декември 28, 2024

Национална европска позиција, која ќе значи утврдување на рамката на македонскиот национален идентитет како европска вредност

Ние од Бугарија како сосед имаме право да бидеме незадоволни за начинот на којшто тие се поставија во овој случај со ветото кон Македонија. Но, има и политички пораки или постапки од коишто можеме да научиме. Едната постапка од која што Македонија може да научи од Бугарија е градењето на национално единство. Во Бугарија без разлика на исходот на изборите, тие и денес и по три или четири месеци јас очекувам дека ќе се придржуваат до меморандумот и декларацијата која што натпартиски беше изгласана во бугарското народно Собрание, нагласи Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во дневникот на телевизија Сител.

Милошоски смета дека Македонија во меѓувреме наместо да чека, добро е по иницијатива на претседателот на државата, на владата, на опозицијата, на Парламентот да смогне сили на една лидерска средба и на една собраниска пленарна седница, од отворен или затворен тип според процена на Владата со какви информации располага, да се разговара за национална европска позиција којашто ќе значи утврдување на рамката на нашиот национален идентитет како европска вредност.

„Може да се гради во секој момент, ние веќе касниме во тој дел. Ќе беше многу подобро ако ваква позиција се изградеше во 2017-та година“, истакна Милошоски.

Тој додаде дека ако се гледааат економските параметри-трговијата, увозот, извозот тие самите ќе ви кажат државата во кој правец треба да продолжи да се движи. Македонската економија, извозот, инвестициите, образование, здравство, дијаспора се тесно поврзани со земјите на Европа. И затоа смета дека тој пат треба да се продолжи.

„Членство во европска економска зона, Македонија не треба да пропушта такви шанси. Напротив би требало претседателот Пендаровски доколку за тоа разговарал со францускиот претседател Макрон, со Собранието, со Владата, со МАНУ, со Стопанските комори и другите надлежни институции да разговара на оваа тема. За да може Македонија додека го тера процесот за членство во ЕУ да напредува и на друг план. Бидејќи за разлика од пред десет години денес процесот на зачленување во ЕУ не е популарен и во самата ЕУ“, посочи Милошоски.

Тој рече дека влезот во европска економска зона би ја кренала македонската економија, и дека тоа е отскочна даска која нуди многу предности.