Намален број на сообраќајни несреќи со загинати и тешко повредени

Анализата на податоците пред и по спроведувањето на засилените контроли на патиштата и градовите покажува дека има подобрување на дисциплината на возачите на целата територија на државата што, пак, се рефлектира и на значително намалениот број на сообраќајни незгоди и жртви. Ова денеска го изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски во Охрид.

– Споредено ноември годинава со ноември 2019 година имаме за 21 отсто намален број на сообраќајни незгоди, за 36 отсто намален број на загинати лица, за 75 отсто намален број на загинати пешаци, а за 47 отсто е намален бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди – рече Ангеловски.

Тој информира дека мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи вчера спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Дебар и Охрид, при што санкционирани се 115 возачи – 59 санкции во Охрид, а 66 во Дебар.

– И на територијата на СВР Охрид е евидентно намалувањето на сообраќајни незгоди, осбено оние со тешки телесни повреди, кои се намалени за 43 отсто – рече Ангеловски.

Тој информира дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови.