Ќе се подготвува нов закон за градба, по 30 измени на актуелниот

Започна постапката за изработка на нов Закон за градба. Станува збор за клучниот закон кој треба да ја регулира градежната дејност. Како една од главните измени властите најaвуваат дека ќе се зголемат надлежностите на инспекторатот сѐ со цел поголема контрола на процесот на градење. Акцент ќе биде ставен и на категоризација на градбите.

„Сметаме дека категоризацијата треба да биде според комплексноста на градбите, а не според тоа кој издава одобренија за градење. Не може една ограда на објект на универзитет да биде објект од прва категорија, а еден цел комплексен објект како детска градинка да биде објект од втора категорија“, рече Благој Бочварски Министер за транспорт и врски.

Градежниците пак, сметаат дека најголем проблем во актуелниот законско решение е тоа што е менуван триесетина пати досега.

„Кога веќе се направени измени и дополненија на некој закон значи имало одредени недостатоци кои што ја ограничувале самата постапка на примена на законот. Целта за носење на нов закон е сите постапки да се обединат во еден закон кој што ќе биде полесно применлив“, рече Ивица Јакимовски градежна комора при ССК.

Дополнителен проблем бизнисмените велат дека им се и административните процедури во законот.

„На пример, патот Сончев град е изграден пред три години, готов е, а уште не е пуштен. Проблемот е од административна природа“, рече Андреа Серафимовски здружение на градежништво при Стопанска Комора.

Експертите сметаат дека со Законот за градба кој е на сила се дава можност за изградба на дивоградби и тоа мора веднаш да се стопира. Надлежните не дадоа конкретен датум кога ќе биде донесен новиот закон туку дека прво ќе ги слушнат ставовите на сите засегнати страни.