ТАВ треба за 7 дена да достави план за чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против ковид-19

На предлог на Министерството за здравство, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вакцинацијата против ковид-19, и ги задолжи МВР, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од седум работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против ковид-19, согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против ковид-19, информира Владата по завршувањето на седницата.

– Владата му препорачува на ТАВ Македонија ДООЕЛ Скопје во рок од седум работни дена да изготви и достави до Министерството за здравство сопствен акциски план (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против ковид-19 – велат од Владата.

Од Владата информираат дека Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, во соработка со Министерството за здравство, во рок од најдоцна пет дена треба да изготват Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки со што ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20 отсто од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести.

Владата ја дополни одлуката за спречување на ширењето на ковид-19 со обврска за секој патник од Велика Британија и Северна Ирска што влегува во земјата на било кој граничен премин задолжителниот карантин во домашна изолација да ги спроведува врз основа на изјава која ќе ја пополнува на граничниот премин при влез во земјата, а патниците што транзитираат имаат обврска емјата да ја напуштат во рок 24 часа.