2.8 C
Skopje
вторник, декември 24, 2024

Успесите ќе дојдат со промените кои ќе донесат вистина наместо лаги, сигурност, правда и достоинство

Успесите ќе дојдат со промените кои ќе донесат вистина наместо лаги, повеќе пари за граѓаните, сигурност, правда и достоинство, вели во својата новогодишна честитка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Притоа лидерот на опозицијата им порачува на граѓаните да имаат верба, да го сочуваат здравјето и да соберат сили затоат што 2021-та „ќе е година на промени кои ќе ви донесат повеќе задоволство, зголемена радост, и среќа која секогаш ги следи храбрите“.

„Годината зад нас не беше добра. Пандемијата на КОВИД 19 го наруши начинот на нашиот живот, а лошата власт го направи животот уште полош.

Ја уништија економијата и ја однесоа во рецесија, додека го распродава идентитетот и наместо европска иднина донесоа вето. Демократијата беше погазена со криминални избори, правдата беше заробена, земјоделците беа обесправени. Го урнисаа здравството, повеќе од 50.000 луѓе останаа без работа, образованието е срушено, криминалот и корупцијата галопираат. Народот осиромашува, власта се богати. Време е да завртиме нов лист“, посочува Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека „Македонија е подобра од загубите кои ги носи власта“ и дека нејзините граѓани заслужуваат благосостојба и подобра иднина.

„Вие заслужувате среќа. Потребни се промени и промените ќе дојдат во годината што следи. Силата е во народот, самите сме си креатори на нашата иднина, затоа што ние граѓаните сонуваме, веруваме и дејствуваме“, вели Мицкоски

Порачува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од тие принципи и оти ќе победи, заоа што има обврска и кон предцит и кон идните генерации, да се изгради држава со која сите во неа ќе бидат горди.

„Ние не се откажуваме, ние ќе победиме. Имаме обврска кон нашите деца, и кон нашите предци, да имаме држава со која ќе сме горди. Нашата генерација има добра мисла и намера, знае како да истрае кога е најтешко, и да направи успех кога тоа се чини далечно“, порачува Мицкоски.

Истакнува и дека успесите ќе дојдат со промените кои ќе донесат вистина наместо лаги, повеќе пари за граѓаните, сигурност, правда и достоинство.

„Празниците поминете ги со најмилите и најблиските. Подарете насмевка и љубов и имајте верба. Чувајте го вашето здравје и соберете сила, бидејќи 2021-та ќе е година на промени кои ќе ви донесат повеќе задоволство, зголемена радост, и среќа која секогаш ги следи храбрите.

Ви посакувам среќни и весели новогодишни и божиќни празници.

Да сте живи и здрави. Да живее Македонија, вели Мицкоски во неговата честитка“, се вели во обраќањето на Мицкоски.