
Претседателот на Собранието Талат Џафери упати новогодишна честитка до граѓаните, посака надминување на пандемиската состојба и отворање на преговорите за членство во Европската Унија.
Во новогодишното обраќање Џафери вели:
„На крајот сме од една година која што по многу нешта е карактеристична. Најпрво, годината ја одбележавме како полноправна, триесетта членка на НАТО, што беше стратегиска цел на сите нас.
Годината ја одбележа пандемијата од ковид-19 поради што се создаде вонредна ситуација во целиот свет, а која не нѐ одмина и нас. Тоа беше година во која во такви услови спроведовме парламентарни избори, кои поминаа во најдобар ред и создадовме услови за целосно функционирање на институциите. За жал, тоа беше година во која голем број наши граѓани не успеаја да се изборат со злото на коронавирусот, на чии семејства им изразувам сочувство.
Во Новата година влегуваме со надеж да се надминат состојбите со болеста и да ги добиеме вакцините.
Новата година е година на очекување во однос и на втората стратегиска цел за членство во ЕУ – да ги отвориме преговорите“.