Неверојатно но вистинито, наместо кон децентрализација, власта на СДСМ и на ДУИ испраќаат порака за тешка централизација во Македонија. Заев сака да е и премиер и градоначалник во сите општини. Локалните власти служат за полнење со партиска војска и ширење терор, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– По речиси три години повторно од Буџетот ќе се покриваат долговите на градоначалниците од СДСМ и од ДУИ. Зошто? Затоа што се неспособни, затоа што не изработиле ништо и затоа што општинските ЈП служат за партиски испостави за вработувања и полнење на администрацијата, наместо за проекти кои што ќе донесат бенефит за граѓаните.
Пред три години беа поделени 50 милиони евра од буџетот. Логиката која што се сокри тогаш сепак беше многу видлива – парите кои што не беа потрошени за капиталниte инвестиции беа прераспределени за општините, наводно за да почнат да работат домаќински. Фактички, срамно високиот суфицит на пари непотрошени за капитални инвестиции, се префрлија во бунарот без дно повторно на градоначалниците на СДСМ и на ДУИ – вели Стоилковски.
– Пa чии долгови тогаш беа најголеми и требаше да се покриваат, ако не на Охрид заради наталожениот долг од Александар Петрески од СДСМ со преку 15 милиони евра долг, потоа на Тетово на Теута Арифи со преку 10 милиони евра долг, па долгот на Струмица направен од Заев со преку пет милиони евра долг и така натаму – вели Стоилковски.
Според него, сега во изборна година, повторно се турка срамен проект за враќање на долговите. Според Предлог законот, на јавните претпријатија кои што се основани од општините, како што се комуналните претпријатија, водоводите, па за улици, паркинзи и слично, ќе им бидат опростени каматите и репрограмирани долговите кои што ги имаат кон државата и нејзините компании.
– Според овој предлог закон на СДСМ и на ДУИ, владата ќе ги казнува правните лица кои што нема да направат отпис на долговите на општинските фирми односно на градоначалниците од СДСМ и од ДУИ. И внимавајте, во законот не се предвидува до која сума на парични средства, ќе отпишуваат долговите. Зошто сега повторно да се покрива долгот на Теута Арифи во Тетово, или на оној неспособниот од Охрид што го пушти статусот на УНЕСКО низ вода? Затоа што за само две години градоначалниците потрошиле околу два милиони евра за набавка на службени возила.
Ако на ова се додаде и оној срамен потег, парите од карго аеродромот кој што не е изграден да се пренаменат за финансирање и реализација на општински наводни проекти, приказната е сосема јасна – локалните власти на СДСМ и на ДУИ служат за вработувања и вдомувања, како милуваат да кажат за корка лепче, а сега власта ќе им ги отпишува долгови и ќе им финансира и гради проекти – наводно изработени од општините – за да се прикаже нивна нереална работа! Во изборна година! – реагира Стоилковски.
Ова е срамно, додаде тој, и не е ништо подруго од креирање на потемкинови села, лажна слика за работењето на локалните властодршци од СДСМ и од ДУИ.
– А, реалноста е дека градоначалниците се закануваат, тепаат, пукаат по полиција, организираат нелегални игри на среќа и добиваат шпорети, вршат терор врз населението – владеат со страв! Но и на тоа му се гледа крајот! – порача Стоилковски.