Германија делумно ги затвори своите граници со Чешката Република и со австриската покраина Тирол во неделата поради ширењето на британскиот сој на коронавирусот, и покрај осудите на оваа постапка кои дојдоа од Европската унија.
Илјада полицајци се мобилизарани за строгите погранични контроли, што потсетува на првите денови на пандемијата кога членките на ЕУ гi затвораа своите граници. На преминот Киефершфелен на југот на германската сојузна покраина Баварија, полицајци со жолти елеци го запираат секое возило кое доаѓа од соседна Австрија, пренесуваат медиумите.
Според новите правиlка кои на сила ќе бидат до 17-ти февруари, во Германија може да се влезе само со негативен тест на коронавирусот. Исклучок се прави во секторите на здравство и сообраќај, како и за итни хуманитарни причини, објави министерството за внатрешни работи.
Германската железница Deutsche Bahn го запре прижањето на своите услуги кон и од погодените области. На аеродромот во Франкфурт, најголемиот во земјата, сојузната полиција во неделата ги проверувала патниците кои пристигнувале со летовите од Прага и од Виена.
Целта на овие рестриктивни мерки е да се забави ширењето новите и позаразни соеви на коронавирусот кои се појавија во Велика Британија и во Јужноафриканската Република, и предизвикаа нови жаришта на пандемијата во чешките погранични региони и во австриски Тирол.
Доста е
Европската комисија ги осуди германските рестриктивни мерки во однос на затворањето на граничните премини кон двете соседни земји, исто така, членки на ЕУ.
„Стравот од новите мутации на коронавирусот е разбирлив“, изјави европската комесарка за здравство Стела Кирјакидес во разговорот за германскиот весник Augsburger Allgemeine објавен во неделата.
„Меѓутоа, вистина е дека вирусот не може да се запре со затворените граници“, порачува еврокомесарката и додава дека вакцините и почитувањето на хигиенските мерки се „единствените нешта кои имаат дејство“.
„Мислам дека е погрешно да се враќаме на Европа на затворените граници од март 2020 година“, додава Кирјакидес.
Германскиот министер за внатрешни раборти Хорст Зехофер, кој доаѓа токму од Баварија, ги отфрли критиките од Брисел.
„Сега е доста. ЕУ стори доволно грешки со своето бавно воведување на вакцините“, порача Зехофер во изјава за весникот Bild.
Втор Ишгл
Владата на канцеларката Ангела Меркел неодана го продолжи делумното „затворање“ во Геранија до 7-ми март стравувајќи од ширењето на новите соеви на коронавирусот, и покрај тоа што изминатите седмици бројот на дневните случаи на заразата беше во пад.
Чешката влада објави дека од петок ги изолира пограничните области околу градовите Чеб, Соколов и Трутнов. Австриската влада уште на почетокот од седмицата Тирол го прогласи за област во којашто не се препорачува патување.
Сите кои го напуштаат Тирол мора да покажат негативен тест на коронавирусот поради растот на заразите поврзани со јужноафриканскиот сој. Скијалиштата во Австрија се отворени за локалното население, но и натаму пристигнуваат странски скијачи.
Баварскиот премиер Маркус Зедер изјави дека стравува дека во моментов се случува „вториот Ишгл“, алудирајќи на австрискиот скијачки центар кој минатата година беше жариште на Covid-19 и се смета дека придонел за ширењето на коронавирусот по Европа.