
Водечкиот тим во англиската Премиер лига, Манчестер Сити во неделата во дербито на 25-то коло во Лондон со 1:0 го совлада Арсенал, остварувајќи ја 13-та победа во низа во англиското првенство.
Единствениот погодок на мечот за манчестерските „Граѓани“ го постигна веќе во 2 минута од мечот Рахим Стерлинг кога со глава го искористи убавото нафрлање на Марез.
Ова беше 18-та победа сезонава на тимот на Пеп Гвардиола, кој последен пат не оствари победа на 15-ти декеври 2020 година во ремито на лигашкиот меч 1:1 против Вест Бромвич Албион. Истовремено Сити ја продолжи серијата без пораз на 25 натпревари, откако последен пат беше поразен ланскиот 21-ви ноември со 0:2 од Тотенхем.
Со 13-та победа во низа во првенството, Манчестер Сити се зацврсти на првата позиција со 59 бодови десет повеќе екипите кои го следат, а Арсенал остана на 10-то место со 34 бодови.
Во последниот неделен меч Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ со 3:1 го совлада Њукасл. Стрелци за „Црвените ѓаволи“ беа Маркус Рашфорд по соло акција во 30, Даниел Џејмс во 57 и Бруно Фернандеш во 75 минута од пенал, а за „Свраките“ привремено израмни во 36 минута Алан Сен-Максимин со убав удар од 15 метри.
Вториот Манчестер Јунајтед сега има 49 бодови, како и третиот Лестер Сити, кој претходно во неделата како гостин ја совлада Астон Вила со 2:1. Њукасл остана 17-ти со 25 бодови, три повеќе од 18-от Фулам кој е во заната на испаѓање. Астон Вила е на 8-то место со 36 бодови
Лестер Сити клучната предност во Бимрингем ја оствари кон средината на првото полуврее кога со головите на Џејмс Медисон во 19 и на Харвеј Барнес во 23 минута, а за домашните стрелец беше Бертран Траоре во 48 минута.
Вест Хем Јунајтед на „Олимпискиот стадион“ во Лондон го победи со 2:1 Тотенхем. „Чеканите“ поведоа со головите на Мајкл Антонио во 5 и Џеси Лингард во 47 минута, а за „Спарси“ намали во 64 минтуа Лукас Моура.
Вест Хем се искачи на четвртото место со 45 бодови, два повеќе од петтиот Челзи, додека Тотенхем е деветти со 36 бодови.
Колото во понеделник ќе го затвори дуелот Брајтон – Кристал Палас.