
Градоначалникот на Крушево Томе Христоски е позитивен на коронавирусот. Според некои медиуми, тој е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје.
Христоски за својата здравствена состојба информира на Фејсбук.
– Од почетокот на кризата со коронавирусот сум максимално внимателен. Се грижев за сопственото, здравјето на моето семејство и на сите граѓани кои доаѓаа во мојот кабинет. Но, овој вирус е непредвидлив и не секогаш можеме да го избегнеме. Ви порачувам да се грижите за себе и за најблиските и заедно да излеземе посилни од ова. Почитувајте ги мерките за заштита, носете маска, вршете дезинфекција и држете меѓусебно растојание, само така ќе се заштитите себеси, но и другите – вели Христоски во објавата.
Градоначалникот првите симптоми ги почувствувал во неделата навечер, а веќе во понеделникот тестот покажал дека е позитивен.