Вакцините на „Pfizer“ и „AstraZeneca“ ги намалуваат потешките форми на Covid-19 за 80 отсто

Вакцините против коронавирусот на американско-германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“ и на англо-шведската компанија „AstraZeneca“ по една доза се 80 отсто ефикасни во намалувањето на хоспитализациите на лица над 80 години, објави во понеделникот англиската Служба за јавно здравство (Public Health England, PHE).

Според резултатите од истражувањето направено врз основа на досегашното вакцинирање на Велика Британија, утврдено е дека заштитата од Covid-19 кај повозрасните од 70 години варира меѓу 57 и 61 отсто по примањето на една доза од вакцината на „Pfizer/BioNTech“ и меѓу 60 до 73 отсто по примањето на вакцината на „AstraZeneca“ четири седмици по првата доза.

„Ваквите резултати, исто така, би можеле да објаснат зошто паднал бројот на приемот на ковид-пациентите на одделите за интензивна нега меѓу лицата над 80 отсто во Велика Британија во неколкуте изминати седмиции, што сите го поздравуваме. Тоа навистина е охрабрувачки“, истакна на прес-конференција британскиот министер за здравство Мет Хенкок.

Од PHE додаваат дека со аналогија може да се претпостави дека во случај на вакцината „Pfizer/BioNTech“ смртноста од последниците на Covid-19 е помала за 83 отсто. За вакцината на „AstraZeneca“ не постојат еквивалентни податоци, бидејќи нејзината примена започна подоцна.

Шефицата на секторот за имунизација во PHE, Мери Ремзи, изјави дека ефектот од вакцинирањето е очигледен, иако е потребно да се спроведат повеќе истражувања за да се сфати ефектот на вакцината врз пренесувањето на коронавирусот.

„Ова е само додаток на сѐ поголемите докази кои покажуваат дека вакцините функционираат во намалувањето на заразата и спасувањето на животи. Иако ни се потребни повеќе податоци, ова е охрабрувачки и силно сме убедени дека вакцините имаа вистински ефект“, рече Ремзи.

Друг претствник на PHE рекол за Reuters дека е потребно уште време за да се одреди ефикасноста на вакцината против таканаречниот британски сој на коронавирусот. Првата доза од вакцината ја примиле повеќе од 20 милиони Британци или третина од возрасната популација.