
Адвокатот Тони Менкиноски во своето гостување вечерва во емисијата „Заспиј ако можеш“ зборуваше за целиот случај со Орце Камчев каде тој е негов брснител и посочи дека сето ова што му се случува на неговиот клиент е срамота за македонските институции.
– Во периодот на лишување на слобода на мојот клиент, што се случи всушност? За мојот клиент во службената белешка на полицаецот се тврдеше дека членот 156 е од Кривичниот законик и кои се однесуваат на изборни измами. Јас кога видов за што се терети мојот клиент и некако не ми беше јасно и разговарам со клиентот, ниту е службено лице, ниту имал некаква врска со избори. Потоа тоа го истакнав и пред судијата и тие кажаа дека не е за кривичниот закон туку за Законот за кривична постапка, каде се членовите за лишување од слобода. Значи во полициска станица беше јасно дека на мојот клиент ќе му биде даден притвор иако направија грешка. Ова е срамота за македонските институции, за се ова што се прави, рече Менкиноски.
Тој во своето гостување како адвокат порача дека стои на располагање и се нуди на сите од случајот 27 Април да им помогне за нивните тужби во судот во Стразбург.
– На сите оние луѓе кои се во случајот 27 Април ќе им помогнам со сета моја сила и знаења за апликациите пред Судот во Стразбург. Јас сакам на тие луѓе да им помогнам затоа што сметам дека овој процес не е само против нив, туку против сите граѓани на Република Македонија со цел да се заплашат. Тие не направија ништо лошо, додаде тој.