Половина милион евра за дигитализација на матичните книги за фирма основана пред само три месеца

Фирмата Друштво за трговија и услуги НОВАТЕК ИНВ ДООЕЛ Скопје стара само три месеца добила тендер од речиси половина милион евра за набавка на услуги за дигитализација на матичните книги со што продолжува праксата на делење на државни пари на новоформирани фирми.

За што точно станува збор?

Уште на почетокот на месец март, првиот човек за борба со корупцијата Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција најавија целосна дигитализација на водењето на матичните книги, како дел од Планот за борба против корупцијата.

Како што изјави тогаш Николовски, преку воведување на дигитализација на водење на матичните книги во иднина ќе се намали чекањето на редови пред шалтерите за добивање на извод од матичната книга на родени, венчаните и починатите и сите потврди ќе бидат заменети со само еден извод од Централниот регистар на населението, како и дека анализите покажале дека воведување на дигитализацијата и намалување на човечкиот фактор ќе има голема улога и во намалување на корупцијата.

„Анализите покажаа дека подигањето на нивото на дигитализација и намалувањето на човечкиот фактор имаат голема улога во намалување на корупцијата“, рече Николовски.

И ова навидум е сосема во ред. Но, ако се земе во предвид дека државен тендер за набавка на дигитализација на матичната книга во вредност од 29.497.640 денари или 479.636 евра со вклучен ДДВ, се доделува на фирмата НОВАТЕК ИНВ која според нашите информации е формирана нецел месец пред објавување на огласот за тендерска постапка и само три месеци пред склучување на договорот се добива перцепција во јавноста дека истата е наменски формирања за добивање на државни пари, со што се крши правилото на постигнување на еднаков третман и рамноправно учество.

Според податоците од електронски систем за јавни набавки, стои дека договорот склучен со компанијата НОВАТЕК ИНВ е единствен учесник и понудувач во тендерската постапка.

Доколку се пребара на интернет оваа компанија НОВАТЕК ИНВ нема ниту веб страна каде што може да се провери која е нејзината основа дејност, ниту пак каде е седиштето и кој всушност е основачот на фирмата.

Нејасно е како може токму новоформирана фирма која воопшто и не постои на интернет пазарот да добие тендер од скоро половина милион евра.

На кои фирми доделила државен тендер Управата за водење на матични книги?

Од јавно достапните информации на електронскиот систем за јавни набавки од почетокот на годината до денеска Управата за водење на матичните книги има склучено вкупно доделено пет државни тендери и тоа со различни фирми со вкупна вредност од 1.111. 613.

Трите фирми кои ги добиле трите најголеми тендери се токму НОВАТЕК ИНВ во вредност од 479.636 евра, потоа компанијата ИНФОСОФТ СИСТЕМС ДОО Скопје за набавка на хардверска опрема, сервер и нивна инсталација во вредност од 435.400 евра, потоа фирмата АУКТА ДООЕЛ Скоје за набавка на софтвер во вредност од 187. 805 евра.

Останатите две фирми кои земале од 5.000 до 7.000 евра тендер се фирмата ПОВЕР ГРОУП ПЛУС ДООЕЛ за набавка на услуги за превоз, утовар и истовар на ствари во вредност од 5.756 евра, додека пак УМК набавила и безалкохолни пијалоци во вредност од 3.016 евра од фримата РИКИ ЈУНИОР ДООЕЛ Кочани.

Освен еден тендер кој е случен во месец февруари, останатите 4 се сите се склучени во месец март.

Но, симптоматично е што за одредени медиуми кои до вчера се занимавале со истражување на државните тендери денеска речиси и како воопшто да не ги забележуваат истите. Тука пред се, се мисли и на Државната комисија за спречување на корупција, која наместо да ги заобиколува ваквите информации кои  се лесно достапни за јавноста, а камо ли пак за институција од ваков степен, треба во целост да го испита трошењето на народни пари.

Ваквата пракса или речиси слична ситуација имавме и со доделување на државен тендер уште во 2019 година кога на штотуку фирма, стара само седум дена „Авто испит центар Скопје“ и беше доделен милионскиот тендер на МВР за теоретски и практични тестирања за возачки испити каде што според договорот истата фирма се наведуваше дека во наредните пет години ќе биде единствената фирма која ќе врши теоретски и практични тестирања за возачки испити.

Дали навистина се има за цел дигитализација на водењето на матичните книги или испумпување на пари преку доделување на државни тендери, останува да провери Државната комисија за спречување на корупција, која наместо да ги игнорира ваквите наводи и да се става во служба на власта, истите да ги провери.

Но, за барање одговорност и расчистување на овој случај потребно е да се вклучи и антикорупционерот Николовски кој изминатиот период се погласен е кога станува збор за борба со корупцијата, особено со заплената на 30 килограми путер со истечен рок на траење. Дали ќе биде ефикасен и брз како со путерот, останува да видиме.

За потсетување, Државниот завод за ревизија во 2019 година констатирал дека Управата за водење на матичните книги издала дури 21.957 погрешни изводи или 4 проценти од вкупно издадените изводи, а ниту пак утврдила одговорност за надоместување на трошокот при грешка во издавањето на изводите.