Македонија е една од најлошите земји во регионот во поглед на вакцинирање на своите граѓани. Додека другите држави, како Грција и Романија, полека им се приближуваат на Унгарија и Србија по бројот на вакцинации, Македонија стои на дното заедно со Босна и Косово.
Според проценките на престижниот светски магазин „Економист“, во Македонија досега прва доза вакцина примиле незначителни 0.7 проценти од граѓаните. Единствено Босна и Косово, каде официјално нема вакцинирање, се полоши од Македонија.
Од друга страна, Албанија почна сериозно да напредува, со 9.2 проценти од граѓаните веќе вакцинирани со првата доза. Бугарија има над седум проценти, а Црна Гора над шест проценти граѓани со кои е почната вакцинацијата. Грција, Турција и Романија се на приближно ниво со меѓу 14 и 17 проценти вакцинирани граѓани, додека Србија и Унгарија се на врвот со 22 и 32.6 проценти. Во Унгарија, безмалку 13 проценти од граѓаните веќе примиле и втора доза, додека во Србија овој процент е уште повисок – 16.3.
Апсолутните бројки се уште по-поразителни за Македонија. „Економист“ проценува дека во земјата има 12 илјади граѓани кои примиле прва доза од вакцината – без да се сметаат десетина илјади граѓани кои се вакцинираа во Србија. За споредба, во Србија досега се употребени 2.63 милиони дози вакцини, за прва или за втора вакцина, додека во Унгарија – 3.54 милиони. Здравствените власти во Албанија досега вакцинирале 222,000 граѓани со првата доза, додека во Бугарија оваа бројка е двојно поголема – 520,000.