Повеќе од 4,5 милиони нови случаи на инфекција со коронавирусот се пријавени низ светот за една недела, според неделниот епидемиолошки билтен на Светската здравствена организација (СЗО). Инциденцата се зголеми за 11 проценти во споредба со претходната недела.
Повеќе од 76.000 луѓе починаа во изминатите седум дена, што претставува зголемување на смртноста за седум проценти.
Заклучно со 11 април, вкупно 135.057.587 лица биле заразени со коронавирус, а 2.919.932 се смртните случаи.
Растот на нови случаи во Југоисточна Азија (за 63 проценти) и Источен Медитеран (за 22 проценти) е особено силен за оваа недела. Во исто време, во Африка инциденцата е намалена за 14 проценти, а во Европа – за четири проценти.
Смртноста е зголемена во Западен Пацифик (за 189 проценти), Југоисточна Азија (за 47 проценти), Источен Медитеран (за 19 проценти) и Европа (за седум проценти). Пад е забележан во Африка (за пет проценти), во Северна и Јужна Америка (за два процента).
Во Европа, повеќе од 1,6 милиони луѓе се заразени, а повеќе од 26.000 починаа за седум дена. Повеќе од 1,4 милиони нови инфекции и повеќе од 36.000 жртви се пријавени во Северна и Јужна Америка. Во Југоисточна Азија, здравствените власти идентификуваа повеќе од 965.000 заразени и повеќе од 6.000 смртни случаи.