![Screenshot_2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/04/Screenshot_2-14.jpg?resize=629%2C379&ssl=1)
По повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27-ми април 2017 година, македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија денеска во 11 часот организираат мирен семакедонски народен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“. Протестот ќе почне пред Владата, е ќе заврши пред Собранието.
Повеќе опозициски партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, TMРО, Единствена Македонија, Интегра, Подем… го поддржаа протестот. Од протестот до претседателот на Македонија, до Собранието, Владата, до верските заедници во Македонија, до ОН, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ОБСЕ ќе биде испратена Декларација за слобода на уставобранителите.
„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Организаторите на Семакедонскиот протест апелираат до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторите се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа.