Група германски деловни здруженија вложија жалба против американскиот технолошки гигант „Apple“, тврдејќи дека неговите одредби за приватноста на корисничките податоци би можеле да ги намалат приходите на компаниите од огласувањето.
Во иднина компаниите од корисниците на уредите „iPhone“ и „iPad“ ќе мора да бараат изрична согласност доколку сакаат да го следат нивното однесување на апликациите и интернет страниците за потребите на рекламирањето.
Новите одредби ќе стапат на сила со лансирањето на следната верзија на оперативниот систем (iOS) на уредите на „Apple“ на 14-ти мај, за која се очекува дека веќе наредните денови ќе биде достапна за преземање.
Се очекува дека повеќето корисници на овие уреди ќе го одбијат следењето, што би можело да значи пад на приходите од огласувањето на компаниите кои ги нудат своите производи преку овој канал.
Групата деловни здруженија ја поднела жалбата до германскиот регулатор за заштита на конкуренцијата, а меѓу незадоволните е и германскиот медиумски гигант „Axel Springer“. Здруженијата го критикуваат „Apple“, тврдејќи дека „де-факто ги исклучува сите конкуренти од обработката на комерцијално релевантните податоци во екосистемот на Apple“, а самата компанија се изземала од планираните измени, иако собира значителни количества податоци на корисниците.
Германскиот регулатор Bunderskartellamt потврдил дека ја разгледува жалбата, а од Apple до вторникот напладне сѐ уште не коментирале на барање на медиумите.
Во случен случај во Франција, американската компанија истакна дека заштитата на приватноста ја смета за човеково право и дека корисниците мора самите да одлучат со кого ќе ги споделуваат своите податоци. „Apple“ правилата за транспарентноста при следењето на апликациите ги објави летото 2020 година, но го одложи нивното воведување за на произведувачите на апликациите да им даде доволно време за прилагодување.