Германија работи да обезбеди Македонија и Албанија да не се одвојуваат, туку да започнат преговори за членство во Европската унија, како две земји во пакет, како што и досега беа третиран, рече шефот на германската дипломатијата Хаико Мас исклучувајќи ја можноста за почеток на преговори меѓу ЕУ и Албанија, но без Македонија, која е блокирана од Бугарија.
За време на неговата посета на Берлин, министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази оптимизам дека двете земји ќе започнат преговори за време на самитите на Унијата летово.
„Вакви дискусии имаше во минатото. Ништо не се смени за Македонија и Албанија да продолжат да бидат опфатени во пакетот. Германската влада беше многу посветена на ова за време на нејзиното претседателство со ЕУ. Сега го поддржува португалското претседателство за билатералните прашања да можат да се решаваат што е можно побрзо и на тој начин да се одржи првата меѓувладина конференција за Македонија и Албанија“, изјави Мас.
„Македонија ги исполни сите критериуми, во домашното има вградено 45 отсто од европското законодавство, 95 отсто од нашата надворешна политика е усогласена со заедничката безбедносна политика, ги исполнивме економските и политичките критериуми за членство. Затоа, не гледаме причина зошто Северна Македонија да заостанува во овој процес“, уверуваше Османи.
Тој потврди дека Скопје и Софија го усогласиле Акциониот план и оти Скопје е спремно за суштински преговори. Од друга страна, Мас охрабрува билатерални преговори, но ја исклучи можноста Берлин да посредува ако двете страни не го побараат тоа.
„Ние веќе го оформивме Акцискиот план за проширување на соработката меѓу двете земји во повеќе области. Подготвени сме да влеземе во суштински разговори за надминување на разликите што ја оптоваруваат нашата доверба“, рече Османи
„Главно останува овие прашања да се решат на билатерално ниво. Самите професионални историчари треба да ги водат своите комитети без надворешен притисок“, рече Хајко Мас.
Мас, исто такам го отфрли нон-пејперот кој нафрли идеи за промена на границите во регионот, велејќи дека Германија не поддржува никакви нови граници, бидејќи тоа би имало последици врз целиот западен Балкан.