Австрија нуди помош да посредува за проблемот меѓу Македонија и Бугарија

Сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер рече дека Австрија дава понуда да биде посредник во надминувањето на спорот помеѓу Македонија и Бугарија за откочување на европерспективата на нашата земја.

– Сакам да ја истакнам понудата на Австрија да посредуваме во решавањето на спорот. Сега се работи за ништо помалку од нашата заедничка иднина. Сега кога се ближи 9 Мај – Денот на Европа, да ги вградиме земјите од Западен Балкан во дијалогот. Интеграцијата да се забрза и да се даде перспектива. Затоа Австрија сака како партнер на земјите од Западен Балкан да ја игра оваа улога, знаејќи дека на европско ниво треба уште некои работи да се дозавршат за дијалогот да продолжи – истакна Едштадлер.

Таа додаде дека Македонија ќе остане конструктивна и активна и ќе влијае проблемот да се реши да се дојде до меѓувладина конференција за двете земји.

Едштадлер смета дека Македонија и Албанија треба заедно да го продолжат пристапниот процес кон Европската унија. Раздвојувањето на двете земји во тој процес, вели таа, може да биде ризично и тоа треба да се спречи.

– Ние сакаме двете земји заеднички да добијат реална перспектива во Европската унија. Ние сме на мислење дека ќе биде ризично и во секој случај ќе треба да се спречи овие две земји во овој прцес да ги разделиме. „Леавинг но оне бехинд“ или неоставањето никој назад во преговорите ќе треба да остане како девиза, рече министерката Едштадлер одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Вицепремиерот Димитров вели дека ставот за нераздвојувањето на двете земји во пристапниот процес е став на многу земји членки на Унијата.

– Како што сега го чувме ставот на Австрија, вчера имавме прилика да го чуеме и ставот на Германија преку министерот Хајко Мас, а пред неколку дена го имавме и словачкиот претставник во ГАК со истот став. Мислам дека огромно мнозинство земји членки имаат став дека двете земји ги исполнуваат условите и оти е крајно време да имаме две меѓувладини конференции и за Северна Македонија и за Албанија – рече вицепремиерот задолжен за европски прашања одговарајќи на истото прашање.