Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Македонски Пошти, Гоце Боболински денеска ја презентираа акцијата „Подари книга“. Основната идеја на проектот е секој оној кој што има можност да подари книга, истата да ја достави во некој од филијалите на Македонски пошти, Центрите за социјална работа или во детските градинки. Книгите кои ќе ги донираат, граѓаните, фирмите и институциите ќе бидат ставени на располагање и во корист на децата без родители и родителска грижа, на згрижувачките семејства, на сите членови од семејствата во социјален ризик, на материјално необезбедените граѓани и сите оние кои не можат да си дозволат нова книга”, рече Спасов.
Министерот истакна дека целосен список на донираните книги кој редовно ќе се ажурира ќе биде објавен на веб страната на Министерството за труд и социјална политика. Тој список ќе биде достапен на сите заинтересирани граѓани кои се евидентирани во системот на социјална и детска заштита, а кои имаат потреба од одреден наслов. Овие лица ќе можат да се пријават како баратели на книги во Центрите за социјална работа. Задолжени лица во Министерството по претходно добиени податоци од Центрите ќе вршат поврзување на донацијата со барателот кој има потреба од неа. Потоа Македонски пошти ќе вршат бесплатна достава на книгата до барателот.
Oвој проект претставува своевидно надградување на проектот „Се грижиме за топол дом“ кој и понатаму продолжува да се реализира и преку кој досега сите заедно им помогнавме на повеќе од 1600 семејства на кои им беше потребна помош , им помогнавме со донации од мебел, бела техника и друга куќна опрема, исто така ќе продолжиме и со слични проекти за донирање на облека и детски играчки , бидејки хуманоста нема едноставна дефиниција. Таа треба да е присутна во сите облици, и да ја поттикнуваме и да ја применуваме секогаш и секаде каде што можеме”, посочи Спасов
Тој апелираше до сите граѓани, но и правни лица, да го збогатат овој проект со тоа што ќе земат учевство во него.