Независната угостителска комора (НУК) бара рамноправно вакцинирање на сите угостители и угостителски работници, а не вакцинација на привилегирани членки на коморите.
Од НУК се револтирани што не биле поканети на состанокот на кој се договарала вакцинацијата на угостителите.
„Ги прашуваме јавно министерот Венко Филипче и претседателите на овие комори зошто угостителите и Независната угостителска комора, која најмногу допринесе во остварување на правата на угостителите во изминатиот период, повторно се игнорираат и деградираат“, стои во реакцијата.
Од НУК бараат Министерството за здравство во најкус рок да ги објави начините планирани за вакцинирање што се договорени на состанокот со коморите.