
Двајца поранешни функционери од Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев и Красимир Томов се меѓу шестмината Бугари кои од денеска се новите „станари“ на црната листа на американскиот Стејт Департмент. Тие се обвинети дека организирале шема за земање мито за издавање бугарски пасоши на Македонци. Двајцата се кадри на ВМРО-БНД на поранешниот вицепремиер Красимир Каракачанов.
„Денес, го објавуваме јавното означување на поранешните бугарски функционери Александар Манолев, Петар Харалампиев, Красимир Томов, Делјан Славчев Пеевски, како и актуелниот бугарски функционер Димитров Желјазков, поради нивна вклученост во значителна корупција. Манолев, Харалампиев и Томов, како заменик-министер за економија, директор на Државната агенција за Бугари во странство и генерален секретар на Државната агенција за Бугари во странство беа вклучени во коруптивни дејствија со што го поткопаа владеењето на правото и довербата на бугарската јавност во владините демократски институции и ги користеа своето политичко влијание и моќта што им ја носи функцијата за да остварат лична корист“, се вели во соопштението на портпаролот на Стејт Департментот Нед Прајс.
Со оваа одлука на Стејт Департментот, на Харалампиев и Томов, како и на нивните семејства им е забранет влез во САД. Двајцата беа уапсени во 2018 година, како дел од акцијата на бугарската полиција против раководството на Државната агенција за Бугарите во странство, преку којашто се издаваат државјанствата. Обвинетите зеле мито, просечно по 1.000 евра, при издавање уверенија за бугарско потекло. Кај тогашниот генерален секретар на Државната агенција за Бугари во странство Красимир Томов, во сеф биле најдени 285 илјади евра. Уверението за бугарско потекло е клучен документ потребен за добивање бугарско државјанство и според обвинението понекогаш се издавало и експресно, т.е. истиот ден.