Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев разговарал во понеделникот со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија при што истакнал дека позицијата на Бугарија во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија е „јасна, доследна и предвидлива“ и оти таа „не е променета“
Како што пренесуват бугарските медиуми, Стоев со амбасадорите разговарал за приоритетните прашања на агендата на Унијата, вклучително и справувањето со COVID-19, вклучително и за имплементација на Механизмот за реконструкција и одржливост, животна средина и клима, миграција, процесот на проширување на ЕУ, кога била допрена темата за преговорите на Софија со Скопје.
„Бугарија отсекогаш ја поддржуваше европската перспектива на земјите од западен Балкан и како земја во регионот јасно сфаќа дека патот кон ЕУ е најсилниот фактор во преминот кон демократско управување“, рекол Стоев.
Истакнал дека техничката влада во Софија се раководи од Рамковната позиција и Декларацијата на Народното собрание од октомври 2019 година и оти 85 отсто од граѓаните ја поддржуваат таа позиција.
Шефот на бугарската дипломатија додал дека очекуваат правни гаранции за почитување на Договорот од 2017 и конструктивен одговор од Скопје за долгорочно решение на прашањето.
„Бугарија секогаш покажувала волја за конструктивен и прагматичен дијалог со Скопје. Ќе продолжиме да работиме на обновувањето на довербата“, рекол Стоев.
Во однос на европската интеграција на Македонија, Светлан Стоев истакнал дека позицијата на Бугарија е јасна, конзистентна и предвидлива и не е променета.
„Бугарија отсекогаш покажувала волја за конструктивен и прагматичен дијалог со Скопје. Ние ќе продолжиме да работиме за враќање на довербата“, рекол.
Претходно во понеделникот на брифинг со новинарите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повторни предупреди дека премиерот Зоран Заев преку својот специјален пратеник во Софија, Владо Бучковски, со бугарската страна тајно преговара за прифаќање на одредбите од споменатата Декларација.
„Двоецот Заев-Бучковски преговараат со бугарската техничка влада за прифаќање на условите кои се дел од декларацијата на Бугарскиот парламент, да бидат дел од преговарачкиот момент, и тоа во првиот фрагмент од преговорите (Фундаменталс). На маса за преговори ќе бидат јазикот, традицијата, историјата, културата што ќе значи дека додека не се прифати ова нема да има почеток на преговори – односно, ова ќе биде почеток без крај. Некаде 23-24.јуни ќе биде даден датум за почеток на преговори но со сите прифатени барања на Бугарија“, рече Мицкоски.
Со тоа, како што оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, секоја идна влада која ќе сака да започне преговори со ЕУ ќе мора да ги прифати овие барања на Бугарија, или како што оцени – асимилација, бугаризација или замрзнување на преговорите.
Мицкоски посочи и на опасноста бугарската декларација да биде прифатена усно, а потоа врз основа на тие усни гаранции Бугарија да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.
„Втората можност е сето ова да го прифатиме усно, па да добиеме датум, а потоа кога ќе има редовна влада во Бугарија истата да блокира преговори до прифаќање и официјално на барањата од декларацијата на бугарскиот парламент“, додаде Мицкоски.
„За сз ова што се договара зад кулисите, нема потреба да има официјализиран договор кој треба да помине на Влада, туку само усен договор. По ова, Македонија веќе нема да има проблем со Бугарија, но ќе има со Европската Унија што е значително посериозен проблем. Практично Заев во интервјуто на БГнес сето ова го навестил. ВМРО-ДПМНЕ нема намера ова да го прифати, ниту сака да го прифати исто како и Македонскиот народ, и не само Македонците но и Албанците, Турците, Власите, Ромите и сите други кои живеат во Македонија“, смета Мицкоски.