Вучиќ: Србија и српскиот народ не се осудени за ништо

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во вторникот вечерта во водео обраќање во Советот за безбедност при Обединетите нации по повод извештаите за работата на Механизмот за меѓународни кривични судови (MICT) дека Србија и српскиот народ не се осудени за ништо, а на сонародниците им порача да ја „држат главата горе“.

Вучиќ, по извештајот на претседателот на MICT, Кармело Агиус и главниот обвинител Серж Брамерц, рече дека Србија „сериозно ги сфаќа“ своите обврски кон правниот наследник на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства во поранашена Југославија во Хаг (ICTY).

Истакна дека Србија ги уапсила и на судот му ги предала сите обвинети за воени злосторства, вклучително и највисоките претставници на политичките и на воените власти, и притоа доставила обемна документација.

Вучиќ истакна и дека овој суд нема доверба меѓу Србите, не затоа што Србите не сакаа да прифатат дека злосторства правеле нивни сонародници, туку затоа што Србите се осудени на Хашкиот трибунал на вкупно 1.138 години затвор, со осум доживотни казни, додека ниеден Хрват не е осуден за злосторства над Србите во Хрватска.

Нагласи дека Србија и натаму ги осудува сите злосторства во регионот, вклучително и „ужасното злосторство во Сребреница“ кој го нарече „масакр“ иако западот и судот инсистираат дека се случил „геноцид“. Вучиќ, исто така, порача дека Србија ги осудува и злосторниците од својот народ, но дека тоа не го прават и другите народи во регионот.

Потсетувајќи дека Хаг отстапил 12 случаи на воени злосторства на Босна и Херцеговина, два на Хрватска а само еден на Србија, Вучиќ рече дека на многумина не им е судено за злосторства против Србите, како и дека на пример случајот во Меѓачки џеп му е препиштен на хрватското правосудство.

Наведе и дека хрватски генерали, како и воените лидери на Бошњаците во БиХ Насер Орлиќ и на косовските Албанци, Рамуш Харадинај, на првата инстанца се осудени а потоа беа ослободени. Притоа предупреди и дека сите сведоци во случајот на Рамуш Харадинај или се убиени или се самоубиле под чудни околности.

„Овој вид селективна правда може да ја спречи соработката, но ние ќе гледаме кон иднината“, рече Вучиќ и порача дека Србија се залага за мир.

Зборувајќи за барањата за екстрадиција на двајца членови на Радикалната партија на Воислав Шешељ, Петар Јојиќ и Верица Радета поради попречување на судот, Вучиќ рече дека Високиот суд во Белград одлучил дека нема основа тие да бидат предадени за непочитување на судот и дека српската извршна власт тоа мора да го почитува.

Потсети дека и Франција како суверена земја одби да ја предаде својата државјанка Флоренс Хартман, обвинета за непочитување на судот, бидејќи не ги екстрадира своите граѓани.

Претставниците на западните земји го поддржаа барањето Србија да соработува со Хаг, додека претствникот на Русија оцени дека пресудата против поранешниот воен командант на босанските Срби, генералот Ратко Младиќ, претставува „продолжување на политизацијата на меѓународниот резидуален механизам“ и дека војната била „трагедија и за Србите, Бошњаците и Хрватите… војната која ја уништи нивната земја и кој покажал колку е ранлива меѓународната правда“.