Град Скопје доби два милиони евра со ребалансот на државниот буџет за реализација на проектот клучка на булевар „Словенија“. Од Градот велат дека станува збор за третата фаза од сообраќајното решение за овој дел од градот, која предвидува проширување на постоечката улица и добивање на булеварско решение од крстосницата кај Момин Поток до Обиколницата.
– Проектот за ова сообраќајно решение е готов, а откако ќе се усвои ребалансот на буџетот во Собранието и парите се префрлат на сметката на Градот, ќе се распише тендер за изведувач – потенцираат градските власти.
Како што информираат од Град Скопје, во моментов се извршуваат финалните работи пред распишување на јавен повик за изведба на кружниот тек кај „Хубо маркет“ и клучката кај Момин Поток.
– Очекуваме до крајот на месецот да се избере изведувач, а градежните работи да започнат кон крајот на летово. Сепак, станува збор за комплексен проект, кој ќе трае повеќе од 2,5 години – најавија од Градот.