Многу работи во нашата земја може да бидат клучни за донесување одлука да не се остане на своето огниште и да се замине во туѓина, пред сè од бирократски работи и неажурност на државните органи. Па, така, Законот за легализација на дивоградбите за некого е начин како да ги зголемат заработките изигрувајќи ги законите додека за други е насушна потреба да се битисува на родното огниште и да се воспитува потомството дека и тука може да се живее а среќата да не се бара во туѓина.
Многу села, односно семејства во Македонија се заложници на овој закон кои сакаат да се занимаваат со земјоделство по сите прописи и современи агро-технички достигнувања. Но не по нивна вина, туку поради тоа што општината не направила детален урбанистички план, заради што објектите не може да им се верификуваат за вршење на одредена дејност.
Голем е проблемот со интерпетирањето односно пренесувањето на имотите во новиот катастар. Дел од површините не можат да се внесат во катастар со што не може да се ажурираат во ЕРСЗ, а со тоа не можат да аплицираат за субвенции.
Една од многуте приказни е и оваа на Драги Петров од Драгобраште виничко кој се занимава со лозарство. За многумина ова место не е познато, но неговата географска поставеност е извонредна, што е причина за врвни вина и добра ракија.
Сепак, секоја приказна има свои специфичности, а во Македонија ништо не е без тешкотии.
Во 2009 година по потрага за работа и кога се кршел дали да замине во странство или да остане дома со најмилите, сепак преовладува сентименталноста.
„За да се задражам на огништето, иако немав искуство, се одлучив за лозарството и винарството. Но, ако се има желба, тогаш се сè учи. Тоа беше моја желба“, вели Петров.
Тој лозовите насади ги направил во 2008 година, насадувајќи совињон бланк, мерлот, каберне совињон и вранец.
Воден од желбата да го надмине просечното и старомодно производство пред 4-5 години инвестира во системот капка по капка, со што си го олеснува производството и добивањето на подобар квалитет. Во работниот процес е вклучено целото семејство и секој си има обврски.
„Благодарение на надморската висина од 600 метри и сончевите денови кои ги имаме во текот на годината успеваме да добиеме добар квалитет кој се манифестираше со повеќе награди во текот на годината што помина.
На локални дегустации во Виница и Блатец, посебно сортата совињон со години добива прво место. Вранецот исто така дава задоволителни резултати. На републичко ниво во Кавадарци совињон бланк се закити со сребрен медал“, посочува Петров.
Секогаш се поставува прашањето дали може да се живее земјоделство. Потоа колку е тешко за работа итн.
„За разлика од моите врсници кои се во странство, имам постигнато поголеми резултати на повеќе планови, па и во финансиска смисла. Потоа на формирање на личност и градење на авторитет. И, едноставно, свој си на своето. И секако, најважна е хармонијата со семејството. Не мора да значи дека Западот има добро вино. Треба некој да го цени тоа дека ние имаме подобри вина, но само ни треба поголема промоција“, констатира Петров и порачува:
„Секој што би сакал да се занимава со земјоделие, барем со малку знаење, бргу ќе се снајде. Не дека не треба стручна спрема, сепак треба повеќе труд, а знаењето се стекнува со текот на времето“.
Учествувал на неколку јавни наддавања за државна земја која била во атарот на неговото село а која претходно стоела затревена и заплевена. По неколкуте сериозни вложувања сега заедно со семејството обработуваат речиси 10 хектари под лозов насад и околу 40 хектари по житарица.
За она што го нуди државата тој ќе рече дека во последните години има поволности, но нагласува дека треба да се поедностават работите за да се одлучат младите да се занимаваат со земјоделство, а тоа ќе биде и поголем мотив.
Од друга страна, не ја фаворизира самобендисаноста туку ќе рече:
„Секако за да се стигне до поголем успех мора да се користат знаењата на експертите во тој бизнис, а самата работа определува како и на кој начин да се дојде до врвен производ“.
За виното и винарството се зборува од дамнина, но промените се прават постепено, но можеби треба и поголема агресивност и поддршка од државата.
„Државата треба да има удел во самото менаџирање и создавање услови за новите почетници кои се трудат и можат да произведат врвни вина. Треба да им се пружат подобри услови од државата за да успеат“, потенцира Петров.
Иднината на земјоделието, лозарството и винарството е поврзана со младите, односно волјата и убедувањето дека во нашата земја може да се заработи и животот да не се бара во странство, бидејќи некои работи може да се почувствуваат само дома.
„Мислам дека само со добра волја, малку труд, би се нашло добар начин подобро да се стигне до успех, отколку да се бара опстанок во странство. Има примери, луѓе кои биле во странство и работеле само за плата, тука отвориле свои бизниси и станале газди на својот имот, а заработувачката не е многу различна“, посочува Петров и дополнува:
„Било во кој бизнис од земјоделието, ако би биле на соодветно место, не би имало шанса да се промаши. Ако се работи стручно и со помош на државата, односно со купување на механизација што државата го овозможува, успехот е неминовен“.
Тој искористил некои од поволностите што ги овозможува државата и има користено средства од Ипард програмите за развој, опремувајќи се со електрични ножици за кроење, машина за зелена режидба и друга механизација.
Дали има формула за добро вино и како се доаѓа до неа, тој ќе рече:
„Ако има добро грозје и малку повеќе труд се стигнува до добро вино. Всушност виното се подготвува на нива. Ако се стигне до квалитетно грозје, нормално дека ќе се направи и добро вино.
Интуиција, труд и консултации со стручни лица. Секојдневна посветеност, чисти садови, хигиена. Таа е на прво место, бидејќи ќе има пореметувања, се мора да е идеално за да се стигне до вино“.
Фото: В.Д.