Не креваме раце, правиме сѐ што можеме во рамки на едно европско достоинствено решение, мислам дека нашите позиции стојат на кристално јасни позиции, мислам дека проблемот веќе е поголем од нашата мака, лекциите и пораките ги слуша целиот Балкан и се повеќе слушаме земји членки коишто велат вие испорачавте, мора да најдеме начин и ние како ЕУ да испорачаме, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
– Да се каже дека нема надеж би било фаталистички, и не е здраво, меѓутоа мора да се грижиме за народот, да си го заштитиме, да работиме се што можеме да работиме. Влогот е огромен и ова влегува во еден покрупен проблем бидејќи сега крупното прашање е дали ние на Балканот можеме да веруваме на зборовите на ЕУ. И мислам дека земјите членки на ЕУ се свесни, водејќи сметка меѓу другото, и за нивните јавни изјави – рече вицепремиерот Димитров во гостување на ТВ Сител коментирајќи ја новата блокада од Бугарија на Советот за општи работи во Луксембург на усвојувањето на преговарачката рамка и за старт на преговорите на Унијата со С Македонија и со Албанија.
Запрашан за тоа што понудиле на средбата минатата недела во Софија заедно со премиерот Заев и шефот на дипломатијата и за соопштението од бугарското МНР дека чекаат македонската страна на дело да ги демонстрира преземените обврски од средбата, Димитров кажа дека не може да зборува за детали бидејќи прашањето не е решено, но начелно кажа дека се разговарало околу интензивирање на секторската соработка и околу процесот на работа на Комисијата за историски и образовни прашања, а од македонскиот јазик и идентитет, вели, никогаш нема да се откажеме.
– Ние имаме еден пат, ќе одиме во ЕУ и ќе влеземе во ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Многу е невозможно и нелогично и контрадикторно македонскиот јазик да биде проблем за членство во Унија во која што се негува културната и јазична различност на европскиот континент. И во таа смисла проблемот станува многу голем. Дали може една земја членка да бара услови кои се спротивни со европските вредности. Ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување тогаш таква ЕУ нема да ни треба. Јас уште кога почна овој процес во октомври минатата година, кога се интензивираа напорите тогаш уште за германското претседателство јасно кажав, јас сум со тоа ок. Ако не можеме да ги отвориме вратите заради македонскиот јазик, во ред, нема да ги отвориме тие. Но тоа поставува суштинско прашање каква унија е ЕУ – вели Димитров