Борбени бродови на руската Црноморска флота во заедничка операција со Пограничната служба на Федералната служба за безбедност (ФСБ) го спречиле нарушувањето на руската граница од страна на британскиот разорувач „Defender“, отворајќи предупредувачки оган а бомбардер од типот „Су-24“ извел маневра на предупредувачко бомбардирање, објави во средата руското Министерство за одбрана.
„Во 11.52 (10,52 по македонско време) на 23-ти јуни, разурнувачот „Defender“ на британската воена морнарица, дејствувајќи во северозападниот дел од Црното Море ја премина државната граница на Руската Федерација и навлезе во територијалните води до областа на ‘ртот Фиолент на оддалеченост од три километра“, се наведува во соопштението за јавноста на руското Министерство за одбрана.
Британскиот борбен брод бил предупреден дека против него ќе биде применето оружје доколу ја наруши руската државна граница, но екипажот не одговорил на тоа.
„Во 12,06 и 12.08 (по локално време) пограничен патролен брод отвори предупредувачки оган. Во 12,19 часот авион Су-24М изведе предупредувачко бомбардирање со четири бомби (високоексплозивни бомби ОФАБ-250) по курсот на пловењето на разурнувачот Defender“, се истакнува во соопштението.
Како што прецизираат од руското министерство, во 12,23 часот, по заедничката акција на Црноморската флота и Граничната служба на ФСБ, британскиот разурнувач ги напуштил територијалните води на Русија.
Руските агенции пренесуваат дека Министерството за одбрана веднаш во средата го повикало на разговор британското воено аташе во Москва.
Британското министерство за одбрана не било достапно за коментар за агенцијата Reuters.
Според соопштението на британска Кралска морнарица од 10-ти јуни, бродот „HMS Defender“ во акваториумот впловил во рамките на воените вежби во рамките на НАТО „привемено се одвоил од работната група поради сопствени мисии во Црното Море.
Британскиот разурнувач „Defender“ и холандската фрегата „Everton“ впловиле во Црното Море на 14-ти јуни, ден откако во истите води вплови и американски разурнувач.
Минатата седмица началникот на рускиот генералштаб, Валериј Герасимов, предупреди дека воените бродови на НАТО редовно изведуваат провокации во акваториумите на Црното и на Балтичкото Море. Притоа порача дека таквите акции може да претставуваа причина за инциденти и оти не придонесуваат на намалувањето на тензиите во регионот.
Според Конвенцијата од Монтре од 1936 година, се ограничува престојот на воени бродови во Црното Море на земјите што немаат излез на Црно Море и тие не смеат на таа територија да ги задржуваат своите бродови подолго од 21 ден. Документот, исто така, предвидува дека во акваториумот истовремено може да се наоѓаат до девет такви бродови со вкупна носивост не поголема од 30 илјади тони.