ВМРО-ДПМНЕ веќе има дефинирано 15-ина кандидати за претстојните локални избори, а до средината на јули ќе соопшти уште толку, рече во четвртокот лидерот на опозицската партија, Христијан Мицкоски и истакна дека станува збор за целосно нови личности во ппартиската понуда.
„За локалните избори веќе имаме 15-на имиња дефинирано, уште толку до средина на јули очекуваме да бидат дефинирани како најсериозни каднидати, а конечно сите кандидати ќе ги објавиме во септември“, истакна Мицкоски во дневникот на ТВ Сител.
На прашањето дали овие 15-тина лица кои што ќе бидат кандидати за градоначалници се стари кадри или нови лица, Мицкоски истакна дека станува збор за комплетно нови лица во тие општини каде што ќе се кандидираат.
Актуелните 15 имиња, додаде челникот на ВМРО-ДПМНЕ, се сериозни фаворити зашто во споредба со потенцијалните кандидати од СДСМ се многу поразлични и имаат што да понудат и поради тоа ќе бидат победници.
Мицкоски нагласи дека градоначалниците на СДСМ даваат многу ветувања, а уста не отвораат за старите ветувања кои се нереализирани, што според него е чуден начин на водење политика во смисла ајде да ветиме, а ќе заборавиме минатите четири години како сме го лажеле народот.
„Она што е важно е дека сите оние 15 споредено со потенцијалните имиња од СДСМ кои што очекуваме да ги слушнеме, се победници, бидејќи се многу поразлични би рекол и луѓе кои што имаа што да понудат споредено со тие од СДСМ. Денеска прочитав еден интересен текст во кој се вели даваат многу ветувања, а уста не отвораат за старите кои што ниту едно не го реализирале, чуден метален склоп и чуден некој начин на водење на политика. Ајде да ветуваме, а ќе заборавиме претходните четири години што сме говореле како невистини и сме го мамеле народот“, рече Мицкоски.
Претходно во четвртокот на брифинг со новинарите генералниот секретар на владејачката партија, Љупчо Николовски соопшти дека првите имиња на кандидати за градоначалници од редовите на СДСМ ќе бидат познати на 13-ти јули. Според него, СДСМ ќе ја креира најдобрата понуда за секоја општина на овие локални избори.