„Блу Скај“ го презеде ФК Вардар, ќе стартува со 13 искусни играчи

Компанијата „Блу Скај“ од средата и официјално е сопственик на фудбалскиот клуб Вардар. Сите правни работи се завршени, а Слободан Крстевски е новиот прв човек на клубот и закажан е стартот подготовките за „црвено-црните“ кои ќе играат во ВМФЛ-Запад.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат направени лекарските прегледи. ПЗУ „Кинетикус“ и д-р Зоран Ханџиски ќе се грижат за здравјето на „вардарци“, а првиот тренинг ќе биде на 10-ти јули, на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Тренерот Горан Симов на првата прозивка ќе смета на 13 искусни играчи. Дел од Вардар ќе бидат Филип Петров, Трајче Стојкоски, Дарко Стојанов, Ристе Илијовски, Петар Љамчевски, Оливер Пеев, Дарко Гроздановски, Борис Јакимовски, Ненад Тодоровски, Александар Паноски и Вилдан Керим од новите, Филип Илиќ, Филип Петковски, Дејан Блажевски од староседелците, плус единаесет од младите играчи кои претходно играа за клубот.

Од актуелниот тим, се чекаат одговори од Бојан Најденов и Стефан Лазаревиќ, кои имаат понуди да останат во Вардар, но исто така разгледуваат и други опции. Првиот тренинг ќе биде на нашиот најголем стадион, а потоа подготовките ќе продолжат во Хиподром.

Целта на Вардар останува иста, тоа е експресен кам-бек во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).