Независната кандидатска листа за локалните избори „ОХРИД ПРЕД СЕ“, официјално започна со работа на 19.05.2021год. Тие како што велат од Иницијативниот одбор, основната цел на оваа граѓанска иницијатива останува активното и масовно учество на граѓаните, со тоа што нивните предлози се дел од изборната програма за персонализација на изборната листа. Основна цел како што велат е Советот на општината да го претворат во место каде граѓаните реално ќе ги решаваат своите локални проблеми и совет кој нема да биде продолжена рака на градоначалникот и партијата на власт.
На шпекулациите од јавноста изминатиов период дали поранешниот претседател Бранко Црвенковски застана зад независната листа „ОХРИД ПРЕД СЕ“, адвокатот Владо Чингоски за „news1.mk“ признава:
„Ќе бидам искрен. На почетокот беше само наша иницијатива, која потекна од поединци, за да може целосно да функционира советот, да го вратиме дигнитетот на Советот. После извесно време имавме и некои контакти од други политичари, не конкретно со господинот Црвенковски, кои ни ја дадоа поддршката, за на крај да имаме поддршка и од екс претседателот Бранко Црвенковски.Но таа поддршка е во рамките на неговите можности, повеќе е вербална, отколку било каква друга. Јас имав една средба со господинот Црвенковски, кога му ја образложив нашата програма. Разговаравме многу, особено околу работата на локалната самоуправа. Му објаснивме се и ја имаме неговата поддршка. Ова е вербална поддршка, но нас ни значи многу. Не само неговото име со кое застана зад оваа иницијатива, туку и од многу други политичари. Поддршка добивме затоа што објаснавме дека не сме за задоволување на лични интереси, туку бараме луѓе кои ќе го претставуваат Охрид“, вели Чингоски за news1.mk.