Oд врата на врата СДСМ ќе собира предлози од граѓаните за локалните избори

СДСМ oд денеска почнуваме со нова фаза на интензивните теренски активности, СДСМ оди од врата до врата, пред домовите на нашите сограѓани. Тимови во секоја општинска организација, партиски функционери и членови ќе го посетат секој дом, секое семејство, да разговараме за сработеното но, и да ги слушнеме нивните потреби, изјави на прес конференција Мартин Попов, организациски секретар на партијата.

– Заеднички, со граѓаните ја креираме најдобрата програмската понуда на СДСМ за локалните избори. Понуда за граѓаните, која ќе го унапреди квалитетот на живот во секое населено место, во секоја општина. Предлозите, коментарите и барањата, кои ги добиваме на маалските и урбани средби, на граѓанските трибини, на средбите со целни групи, веќе ги систематизираме и анализираме. На ист начин ќе постапиме и со предлозите кои ќе стигнат преку проектот од врата до врата – рече Попов.

Тој информира дека за неполн месец, одржале над 750 маалски и урбани средби, 12 големи граѓански трибини и дека се присутни меѓу граѓаните во секоја општина, во секоја населба, во секоја улица.

– Пред граѓаните настапуваме и со отчет за досега сработеното и имаме полно право да го правиме тоа затоа што покажавме дека за нас зборот е збор. Досега се реализирани над 70 отсто од програмите на општините, реализирани се над 7.000 проекти на централно и локално ниво, податоци кои говорат за посветеноста и ангажираноста на централната и локалната власт предводени од СДСМ – рече Попов.