Црна Гора воведува построги мерки по највисоката бројка новозаразени во последните два месеца

Црногорските здравствени власти ќе предложат воведување построги епидемиолошки мерки, откако во вторникот се регистрирани 65 нови случаи на заразата со коронавирусот, најмногу во еден ден во последните два месеца.

Црна Гора поради падот на бројот на заболените речици целосно ги укина сите епидемиолошки мерки, освен што за концертите, ноќните клубови и другите масовни собири требаше да се покаже потврда за вакцинирање или негативен PCR тест.

Бидејќи најмногу новозаболени има во туристичките места, здравствените власти им се заканија на сопствениците на кафулињата и рестораните дека кршењето на епидемиолошките мерки строго ќе се казнува со парична глоба и со затворање на објектот на три дена. Доколку еден објект повече од трипати ги прекрши епидемиолошките мерки, ќе биде затворен од 15 до 30 дена, соопшти министерството за здравство.

Црна Гора кон средината на април започна со укинувањето на епидемиолошките мерки кои беа целосно либерализирани на почетокот од летната туристичка сезона. Во земјата моментално престојуваат повеќе од 100.000 туристи, според податоците на владата во Подгорица.

Во министерството за здравство, сепак, сметаат дека епидемиолошката ситуација засега е стабилна со просечно 30 новозаразени на дневно ниво, што е меѓу 1,5 и 2,3 отсто од дневно тестираните лица.

Во Црна Гора досега нема потврдено зараза со делта варијантата на коронаворусот, но епидемиолозите предупредија дека остриот раст на новозаразените можеби укажува дека новата поопасна варијанта сепак се појавила.

Две дози од вакцините против Covid-19 досега примиле околу 35 отсто од возрасното население, од оваа коронавирусна болест оздравеле над 100.000 лица или 15 отсто од населението кое брои 622.000 луѓе, а починале 1.623 пациенти.