Еврократите, Софија и Заев – за распад на Македонија

страшо ангеловски

За да може да се даде што е можно порелевантно предвидување за тоа што ќе се случува понатаму во преговорите меѓу Скопје и Софија, повеќе од потребно е нештата да се разгледуваат од три аспекти.

Најпрво, состојбата во ЕУ и нејзините позиции околу ова прашање, потоа, состојбата во Бугарија и позициите околу таканареченото „македонско прашање“ и, конечно, состојбата во Македонија и позициите во преговорите со Софија и ЕУ интеграциите.

Двојните стандарди на ЕУ

  • Европската Унија во моментов се наоѓа во фаза на најголема поделба во целото свое постоење, што не треба да не’ зачудува, бидејќи нејзиниот однос на двојни стандарди, конечно почна да ја разјадува одвнатре. Од едната страна се наоѓаат еврократите од Брисел, платени од големите светски корпорации за да од ЕУ направат наддржава како општество на корпоративен фашизам, како што го нарекува нобеловецот Џозеф Стиглиц, со која тие ќе управуваат. Од другата страна се интересите на суверените држави членки, кои, по примерот на Унгарија, се’ повеќе го креваат гласот и ги бараат своите суверени права, односно, одлуките на ЕУ да бидат заеднички одлуки на претставниците на суверените држави членки.

ЛГБТ правата и проблемот со мигрантите ќе биде просторот каде ќе дојде до нови внатрешни, уште пожестоки судири и недоразбирања внатре во Унијата. Судири кои може да доведат и до нејзин распад во многу скора иднина.

Во меѓувреме, се покажа целосната бесмисленост во функционирањето на ЕУ по принцип на консензус на сите земји членки, кога трите најголеми држави, Франција, Германија и Италија побараа да се донесе одлука за одржување самит со Руската Федерација по примерот на оној на САД и Русија. Но, бидејќи ЕУ е и формирана врз двојни стандарди, односно, под притисок на САД источноевропските држави без исполнување на какви било критериуми итно станаа земји членки, сега, заради интересите на САД, а по принципот на консензус, го оневозможија таквиот самит.

Неможејќи да го прикажат толку посакуваното, макар и лажно, заедништво на Унијата во односот кон светските сили, со што би станале глобален светски фактор во геополитичките случувања, на ЕУ и преостанува можноста своето „заедништво“ и својата преостаната регионална моќ да ги истакнува во односот кон немоќните – кон земјите од таканаречениот Западен Балкан кои претендираат да станат нејзини членки. Во тој нивни однос, можеме да ја видиме лицемерната ароганција на бриселските еврократи и нивните веќе препознатливи двојни стандарди.

Оттука, не е тешко да се претпостави дека во и онака антицивилизациски наметнатиот спор меѓу Скопје и Софија, ЕУ, под притисок на „госпожа“ Меркел, ќе застане на страната на своето Сакскобурготско чедо, односно од нив создадената бугарска држава.

Доколку кон ова го додадеме и „заморот“ од проширувањето што се чувствува во ЕУ (само 26 проценти од анкетираните жители на ЕУ на последната анкета се изјасниле дека го поддржуваат проширувањето), мораме да се соочиме со веќе видената турска реалност на речиси полувековно седење во европската чекалница.

Заев – Надежта на Софија

  • Што се однесува до состојбата во Бугарија и одност кон ова прашање, работите се повеќе од јасни. Само кусогледи и кусоумни политичари во Македонија може да ги чекаат резултатите од изборите во Бугарија и да се надеваат на можна промена на официјална Софија во ставот кон измислениот спор. Имено, очигледно е дека според распоредот на силите после повторените избори, Бугарија или ќе добие малцинска Влада која ќе биде на стаклени нозе и токму заради тоа двојно ќе ја засили реториката во односот кон Македонија, или ќе оди на нови избори, кои најверојатно нема да донесат ништо ново.

Третата опција би била онаа како во 2007-та кога ЕУ и воведе валутен борд на Бугарија за да ја спаси од банкрот, сега да ја притисне, се разбира заради свои потреби, да формира Влада на непомирливости, за што Софија би била наградена со европска поддршка во решавање на своите проблеми, па и оној со Македонија.

Инаку, за да им биде јасен на македонските политичари односот на бугарската политика кон Македонија нека го земат само примерот на организирано учество на активисти на ГЕРБ (партијата на Борисов која е членка на Европската Народна Партија), во уривањето на „сестринската“ Влада на Груевски (Владата на ВМРО ДПМНЕ, која е исто така членка на Европската Народна Партија), за да добијат Влада (онаа за која Османи вели дека е на ДУИ) која ќе одработи за бугарските интереси.

За жал, која било Влада во Софија ќе има непроменет однос во спорот со Македонија, бидејќи за нив ова не претставува дневнополитичко прашање, туку е плод на националната Санстефанска стратегија во однос кон „македонското прашање“, долга речиси век и половина. И, за бугарските политичари не постои попогоден момент за исполнување на санстефанскиот сон од денешниов – заради нивната позиција во ЕУ и заради постоењето на вазалната Влада на Заев.

Прекин на преговорите

  • Состојбата во Република Македонија и позициите околу ова прашање, за жал, се наједноставни за анализа. Имаме Влада докажана во нејзината сервилност, посебно пред американските и европските „авторитети“; Влада заробена од ветувањата дадени токму ним за да биде инсталирана на власт, заради што мора да го испорача ветеното; Влада чие натамошно егзистирање зависи од добрата волја на ДУИ, па ставовите на ДУИ околу ова прашање стануваат и официјални ставови на Владата, што е повеќе од опасно; Влада која со потпишувањето на договорот со Атина веќе ја доведе Република Македонија во позиција на гарантна окупација (гарантна окупација – можност на странска држава да се меша во твоите внатрешни работи се’ до исполнување на последната точка од некој потпишан договор), па не е тешко да се замисли дека тоа ќе го стори и со договорот со Софија; со еден збор, Влада кревка во внатрешните односи со коалициониот партнер ДУИ и целосно неотпорна на надворешни влијанија и притисоци.

Токму заради ова СДСМ ниту може ниту смее да прифати каков било документ за воспоставување црвени линии во преговорите со Софија во заштита на националните интереси. Не смее бидејќи е притисната од ветувањата дадени на „авторитетите“ од надвор и од потребата да ја сочува власта заради пролонгирање на одговорноста, односно седнување на судските столчиња за обвинети, заради сите сторени криминали, што е неможно доколку не ги почитува ставовите на ДУИ. Штетата што со тоа му ја нанесуваат на македонскиот народ е непроценлива, за жал, можеби и уништувачка. Затоа, наоѓа проѕирни оправдувања за неприфаќањето на Резолуцијата на опозицијата за македонските црвени линии во разговорите со Софија.

Единствениот излез е во најитното заминување на оваа гарнитура од власт, замрзнување на барањето за членство во ЕУ под вакви антицивилизациски и недостоинствени услови се’ до промена на бесмисленото функционирање на ЕУ како еврократска наддржава со заедница на суверени држави, воспоставување внатрешно единство во врска со националните интереси на македонскиот народ без што нашето постоење е доведено во прашање и конечно достоинствен, а не вазален однос во меѓународните односи, онака како што доликува на суверена држава во 21-от век.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес