Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари преку Фејсбук ОБЈАВИ дека ќе се кандидира за втор мандат на претстојните локални избори.
„Тимот и јас одлучивме официјално да ја објавам кандидатурата за градоначалник на Гостивар. Ние сме на крајот од првиот мандат. Велат дека понекогаш не ја разбираш вредноста на моментот, додека тој миг не се претвори во спомен. Така, часови и денови полни со работа, уште малку ќе се читаат како четири години во календарот. Успеавме, во овие четири години, името на нашиот град да биде заведен меѓу најуспешните и првите во државата“, пишува Таравари.
Според него, формулата за успех нема магија туку е едноставна, а тоа е работа и посветеност. Тој додава дека е привилегија и гордост да се биде еден од оние што работеле за луѓето од Гостивар.
„Гостиварци беа и се мојот вечен мотив кој никогаш нема да заврши! Главната причина што ме доведе до објавување на кандидатурата се тие, чесните и мирните гостиварци, вредни и трпеливи, тивки и вредни, храбри и мудри. Тоа е градот што ми го вметна во моето срце мојот покоен татко кој почина пред неколку месеци. Тоа се рацете со плускавци на работникот од Гостивар кој иако со 1000 проблеми, се жртвува себеси за да ги образува своите деца. Тоа се очите на гостиварските мајки кои знаеја да се смеат и во сиромаштија и да им отворат врата на гостите“, пишува во објавата Таравари.
Повикувајќи се на изјава на американскиот претседател Теодор Рузвелт, Таравари вели „Верувајте дека можете и така ќе прејдете половина пат“.
„Имам апсолутна доверба дека заедно со вас, Албанци и Македонци, Турци, Египќани, Роми или Торбеши, од АА или ВМРО, од Беса, Алтернатива, ДУИ или СДСМ, или Левица, муслимани или христијани, но сите гостиварци можеме да го изградиме нашиот град и да го направиме таков каков што секој од вас заслужува! Затоа, официјално и гордо ве поканувам сите да се собереме околу слоганот „Гласаме за Гостивар“, пишува Таравари на Фејсбук.