Падот на Кабул го урнисува угледот на САД

По две децении заврши во Авганистан најдолгата американска војна, а брзото и лесно воспоставување на власта на бунтовничкото исламистичко движење Талибан потполно го урниса угледот на САД, и што се однесува до носењето стратешки одлуки на политиката, па и кога станува збор за поддршката на сојузниците.

Неочекувано брзиот пад на владата во Кабул, за што инаку аналитичарите лицитираа меѓу шест месеци и цела година, значи и дека 20-годишнината од терористичките напади од 11-ти септември на џихадистичката мрежа Ал Каеда врз САД, што беше директен повод за американската инвазија следена од сојузниците во НАТО, најверојатно ќе биде одбележана со враќање на талибаните на власт во Авганистан, иако Американците во оваа земја загубија 2.500 војници и потрошија над два трилиона долари.

Многумина политички коментатори сметаат дека дебаклот на скапо обучуваните и опремени авганистанските владини сили по повлекувањето на американските и сојузничките сили, несомнено ќе ги ослаби позициите на Вашингтон на глобалната сцена.

„Американската веродостојност како сојузник бездруго се намали со начинот на кој беше напуштена авганистанската влада, почнувајќи од мировните преговори во Доха“, вели AFP Хусеин Хакани, поранешен пакистански амбасадор во САД, алудирајќи на минатогодишните преговори со талибаните во катарската престолнина по коишто САД ја објавија временската рамка за повлекување од Авганистан.

Хакани тврди дека потоа американските дипломати не можеле да сторат ништо повеќе, од само да им испраќаа твитови на талибаните да ја запрат својата офанзива.

„Дипломатите на најмоќната земја во светото беа насамарени во Доха, а нивните челници едноставно беа игнорирани. Тоа може да ги поттикне и другите да се впуштат во дволична дипломатија“, предупредува Хакани.

Истовремено, шефот на политичките програми а Украинскиот институт за иднина, Јуриј Романенко, во неделата во колумната за локалните медиуми, предупреди дека брзото повлекување на Американците од Авганистан треба да претставува и предупредување за оние земји или власти кои се доживуваат како стратешки сојузници на САД, вклучително и за властите во Киев. Според него, во „мрачната приказна“ со Авганистан има еден многу важен момент, многу значаен за Украина, потсетувајќи дека Кабул за САД имаше статус на стратешки сојузник на САД надвор од НАТО.

Како и другите аналитичари, и Романенко истакнува дека Вашингтон потрошил импресивни 85 милијарди долари во обуката на безбедносните авганистански сили, дека владините сили добил стотици оклопни возила, беспилотни летала и хеликоптери и оти тоа вооружување сега паѓа во рацете на талибаните.

„Трагедијата на Авганистан покажува дека доколку сојузникот не е подготвен да се бори за себеси, тогаш Американците нема особено да се претргнуваат. Колапсот на авганистанската армија изминатите неколку седмици е само пример од учебник“, истакнува Романенко.

Кина, којашто администрацијата на претседателот Бајден ја гледа како најголема закана за САД, засега не излезе со конкретни оцени, но се чини како во Пекинг веќе помалку се насладуваат. Весникот на англиски јазик, за кој се смета дека е гласило на владејачката комунистичка партија The Global Times, во неделата објави анализа во која истакнува дека „Вашингтон е несигурен партнер кој секогаш ги напушта своите партнери кога тоа му е во интерес“.

 

Кабул стана Сајгонот на Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден е изложен на жестоки критики дека повлекувањето на трупите било лошо водено и дека Американците мораа во неделата да итаат да го извлекуваат својот дипломатски персонал исто како и во Сајгон во 1975 година, и тоа само неполн месец откако Бајден и самиот говореше дека нема шанси авганистанската влада толку лесно да се предаде и покрај постојаното напредување на талибаните.

„Тоа ќе има последици многу пошироки од Авганистан. Американските противници сега знаат дека може да ни се закануваат, а нашите сојузници од утрото (во неделата) се прашуваат дали во што и да е може да сметаат на нас“, изјави републиканската конгресменка Лиз Чејни.

Случувањата во Авганистан и враќањето на талибаните на влас е последица на целосниот неуспех на надворешната политикана американскиот претседател Бајден и всушност повторување на настаните од 1975 година, кога американците со хеликоптери мораа да ги евакуираат своите граѓани од главниот град на тогашен Јужен Виетнам, критикуваше заменикот на лидерот на републиканското малцинство во Сенатот, Стивен Скалис во коментарот за американската телевизиска мрежа CBS News.

„Претседателот Бајден пред само неколку дена рече дека нема да сведочиме на евакуацијата со хеликоптери на (вработените) амбасадата (на САД во Кабул), како што беше во Сајгон, но сепа тоа е она што се случува“, рече Скалис.

„Се чини дека многумина во специјалните служби на Бајден зачудувачки неверодостојно ја проценувале ситуацијата. Сметам дека подоцна ќе има многу прашања во врска со тоа што пред неколку седмици го зборуваат токму спротивното од она што сега го гледаме во Авганистан“, додаде републиканецот.

Скалис смета дека или Бајден бил многу лошо и погрешно информиран од неговите разузнавачки служби или тој со умисла го довел во заблуда американскиот народ.

„Ова е навистина сигнал за нашите противници во светото, кои следат што се случува. Тие гледаат колку е лесно да се заземат областите за кои претседателот зборуваше дека тоа нема да се случи. Но тоа се случи. Ова е целосен неуспех на надворешната политика на претседателот Бајден“, заклучи Скалис.

Администрацијата на Бајден брзо се обиде да објасни дека неговиот претходник републиканецот Доналд Трамп го склучил договорот од Доха и дека поголемиот дел од американската јавноста го поддржува завршувањето на „вечните војни“. Државниот секретар Ентони Бајден уверува дека САД постигнале успех во својата примарна мисија, да ги приведат пред правдата, односно да ги ликвидираат, водачите на Ал Каеда одговорни за нападите од 11-ти септември.

„Вистина е и дека на нашите стратешки соперници ширум светот не би им било помило отколку да се закопаме во Авганистан следните пет, десет, дваесет години. Тоа не е во нашиот национален интерес“, рече шефот на американската дипломатија.

 

Кула од карти

Уште од мандатот на претседателот Барак Обама, чиј потпретседател беше Џо Бајден во два мандата, кога првпат почнаа операциите за намалување на американскиот контингент во Авганистан, имаше двоумења колкава треба да биде бројноста на американските трупи кои би се задржале во Кабул, како обезбедување на американските интереси во земјата, дипломатската мисија и како логистика за авганистанските сили. Американски политичари тврдеа дека во Авганистан би требало да има најмалку постојани 2.500 американски војници. Но Бајден, како што повеќепати повтори, одлучи дека ќе ја следи одлуката на својот претходник и дека војната е завршена, несакајќи таму уште да ги ризикува американските животи.

Аналитичарката Трити Парси, потпретседателка на Квинсиевиот институт за одговорно државништво недвосмислено се согласува со повлекувањето. „Кога ќе видите дека сѐ се урна за само девет дена, тоа значи дека таму немало ништо освен куќи од карти“, вели Парси.

Таа се надева дека американското повлекување ќе помогне во тоа да се престане да се размислува, и во Вашингтон и во светот, дека американската војска мора да биде првото решение. „Можеби сега ќе биде ублажен надворешниот притисок дека Соединетите држави мора да дејствуваат како да имаат одговор на сѐ во светот“, заклучува.