Средба на претседателот Пендаровски со Шарл Мишел

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Украина по повод 30-годишнината од независноста на земјата, во Киев во понеделникот оствари средба со претседателот на Европскиот sовет, Шарл Мишел.

На средбата, соговорниците разменија мислења за најновиот развој на настани во контекст на процесот на проширување на Европската унија, како и за македонскиот напредок во клучните реформски области и можностите за одржување на прва меѓувладина конференција.

Пендаровски го реафирмирал ставот дека одржувањето на првата меѓувладина конференција во најскоро време е клучен приоритет за Македонија, при што нагласил дека е неопходно Европската унија да ги зголеми напорите за да се динамизираат односите со земјите од западен Балкан.

Исто така, Пендаровски го реафирмираше и ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за валоризирање на напредокот на ниту една земја на патот кон ЕУ и дека во тој контекст треба да се бара решението за нашата држава.

Покрај ова, двајцата соговорници се осврнале и на состојбите во ЕУ и во Македонија, а размениле  мислења и информации и за случувањата во Авганистан.