„Волстрит џурнал“: САД планираат дополнителна доза на вакцина по шест, а не по осум месеци

Американските здравствени регулатори би можеле да одобрат трета доза на вакцина против Ковид-19 кај возрасните лица шест месеци по целосна имунизација, наместо претходно најавените осум, објави вчера „Волстрит џурнал“.

Одобрувањето за дополнителна доза на вакцините на Фајзер/БиоНТек, Модерна и Џонсон и Џонсон во САД се очекува кон средината на септември, пишува весникот, повикувајќи се на извор запознат со плановите.

Компаниите Фајзер и БиоНТек веќе го започнаа процесот на аплицирање за дополнителна доза кај секого на возраст над 16 години, велејќи дека тоа доведува до тројно зголемување на антителата против коронавирусот.

Фајзер соопшти дека 306 луѓе кои ја примиле третата доза меѓу пет и осум месеци по втората, покажале ниво на неутрализирачки антитела кое било 3,3 пати повисоко од она по втората доза.

Студијата, чии детали се уште не се објавени, исто така, откри дека несаканите ефекти од третата доза биле слични на оние од втората, вклучувајќи благ до умерен замор и главоболка, наведува компанијата.