Климатската криза не е проблем со којшто допрва треба да се соочиме. Со своето делување веќе ја променивме климата на Земјата и ги деградиравме поголемиот број екосистеми. Aко пред некоја година кога ќе се споменеа климатските промени никој не реагираше сега ги гледаме резултатите на дело а последиците ги чувствуваме на сопствена кожа. Ефектите од климатските промени воопшто не се наивни: суши, шумски пожари, олуји, поплави и останати екстремни временски услови глобално се во пораст. Веќе ги чувствуваме последиците, а промените ќе бидат уште порадикални, а последиците подраматични доколку веднаш не се намали еколошкиот притисок. На оваа тема разговаравме со Невена Смилевска од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“. Токму тие во партнерство со организации од Црна Гора, Босна, Албанија, Србија и со поддршка на Хрватските организации проектот „GEAR – Зелена економија за развој на регионот“ финансиран од Европската Унија, во последните три години активно работеа на овие теми со институции и граѓански организации.
*ВЕЌЕ СЕ ЧУВСТУВААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, ШТО ТРЕБА ДА СЕ ПРЕЗЕМЕ?
– Европската комисијата отвори повик за поединци и организации да станат амбасадори на климатскиот пакт кој со личен пример ќе ја мотивираат својата заедница да се ангажира за заштита на климата. Во почетната фаза приоритет се мерките поврзани за четири области кои донесуваат непосредна корист не само за климата и животната средина, туку и за здравјето и благосостојбата на граѓаните: зелени површини, зелена мобилност, енергетски ефикасни згради и зелени вештини. Уште во 2019-тата започна Европскиот зелен план за транзиција на ЕУ во праведно, здраво, одржливо и просперитетно општество, како и подобар однос кон природата така што ќе можеме во наследство да оставиме поздрава планета. Целта е Европскиот климатски пакт да ги обедини сите оние кои сакаат да преземат нешто за доброто на планетата. Со работата на интернет платформите, како и со дијалогот и размената на мислења со граѓаните се поттикнува поврзување на дигиталната и зелена транзиција. Во духот на Европскиот зелен план, Комисијата како институција исто така е посветена на тоа да дава примери и да стане климатски неутрална до 2025-тата година.
*ШТО Е НАЈВАЖНО ДА СЕ ЗНАЕ ЗА СТРАТЕГИЈАТА НА ЕУ?
– Европскиот зелен план е развојна стратегија на ЕУ којашто има за цел да ја трансформира економијата на земјите членки во согласност со принципите на одржлив развој, како и да го обнови биодиверзитетот во земјите членки и секако да се намалат емисиите на стакленички гасови. Европскиот зелен план предлага активности во високите јавно-политички области, во рамките на реформите коишто ќе бидат извршени низ континуирана изградба на нови, прогресивни јавни политики, пред се еколошка енергија, одржлива индустрија, политика за домување, одржлива мобилност, биодиверзитет, елиминирање на загадувањето, климатска акција, одржливо земјоделство и стратегија „Од нива до маса“ којашто се однесува на одржливото производство на храна.
*ШТО ОПФАЌА ДЕКАРБОНИЗАЦИЈАТА?
– Декарбонизацијата на енергетските системи на ЕУ е клучна за постигнување на климатските цели, a тоа значи развој на полето на енергетската ефикасност, но и секторот за обновливи извори на енергија преку интегриран меѓусебно поврзан и дигитализиран европски пазар. Државите членки до 2023-тата година ќе ги ажурираат своите национални енергетски и климатски планови како би ги исполниле новите климатски амбиции зацртани до 2030 година. Тоа секако носи низа промени како што се употреба на иновативни технологии и модерна инфраструктура, но и подобрување на прекуграничната и регионалната соработка со цел да се подобри споделувањето на чисти извори на енергија како и развивање на полн потенцијал на енергија на ветерот. Всушност, од 1970-тата до 2017-тата година, годишната глобална употреба на ресурси е тројно зголемена и понатаму продолжува да расте. Повеќе од 90% од губитокот на биодиверзитетот и недостигот на вода се предизвикани од експлоатација на ресурсите. Индустријата придонесува со 20% во емисиите на штетни гасови во ЕУ. Само 12% од материјалите коишто ги употребува индустријата во ЕУ доаѓаат од нивно рециклирање.
*ГИ КОРИСТИМЕ ПРИРОДНИТЕ РЕСУРСИ, НО ТИЕ СЕ ТРОШАТ НЕПОВРАТНО, ИМАМЕ ЛИ АЛТЕРНАТИВИ?
– Според статистиките потребно е воспоставување на заштитени подрачја за најмалку од 30% од европското копно и 30% од европската морска површина како и обновување на нарушениот копнен и морски екосистем низ цела Европа, крајната цел на Комисијата е со акциониот план за постигнување на нула ниво на загаденост на воздухот, водите и земјиштата, велат од Еко-свест. Во 2020-тата година Комисијата ја претстави стратегијата „Од нива до маса“ со што би се обезбедило Европјаните да добијат пристапна и одржлива храна, со цел да се делува против климатските промени, да се обезбеди заштита на животната средина, да се зачува биодиверзитетот и да се зголеми еколошкото земјоделство. Европската комисија ќе соработува со земјите членки за да се обезбеди чесна и праведна транзиција за сите оние коишто работат во областа на земјоделството и поморскиот сектор, да се анулира употребата на хемиски пестициди, ѓубрива и антибиотици. Оваа стратегија треба да помогне во борбата против измамата кога е во прашање храната, а увезените прехранбени производи од земјите од трет свет мораат да бидат во согласност со еколошките стандарди на ЕУ.