Попладне бардовчани протестираат против центарот за странци: Протестот ќе тргне пред „Борис Трајковски“ ќе заврши пред Влада

Жителите на скопското село Бардовци денес повторно ќе излезат на протест против изградбата на Прифатен центар за странци во близина на нивното населено место.

Имено, тие бараат релокација на центарот и запирање на изградбата. Според нив, со изгрбата на центарот ќе им бидат нарушени мирот и сигурноста.
Протестот ќе започне во 16.00 кај паркингот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, по што учесниците на протестот ќе се упатат кон Владата каде, според планот, ќе протестираат од 17 до 19 часот.

Деновиве од протестите се навршува еден месец, односно откако граѓаните на Бардовци излегоа на улица, да го дигнат својот глас против изградбата на Прифатен центар за странци во непосредна близина на нивните домови. Тие својот револт го покажуваат со блокирање на една или две крстосници одеднаш, секој втор ден. Најчесто ги блокираат крстосниците кај „Хубо“ маркетот, или улицата „Скупи“ која води кон Бардовци. Овој пат, поради тоа што надлежните немаат никаков слух за нивните проблеми, Бардовчани се одлучија во среда (1-ви септември) да се соберат пред спортскиот комплекс кај „А1 арена“ и со мирна поворка да излезат пред Владата на Република Северна Македонија и да го блокираат булеварот „Илинденска“.

Во меѓувреме, како што ни откриваат дел од протестирачите, направени се и испратени писма до дипломатските претставници, Собранието, Претседателот на Владата, сè уште актуелниот градоначалник на Општина Карпош и локалната самоуправа. Со градоначалникот се преговара за можен датум на средба, но до граѓаните допрел глас дека наскоро се можни средби и со другите надлежни. „Сепак, додека не добиеме „ црно на бело“, не можеме да шпекулираме со повеќе информации. Останува само да се надеваме дека ќе ни се реши проблемот“, велат Бардовчани.

Граѓаните на Бардовци негодуваат, затоа што:

– Никогаш не се прашани и консултирани за изградбата на ваков објект. Силувана е вољата на граѓаните, спречени сме да учествуваме во носењето одлуки од наш интерес;

– Поседуваме документ подготвен од македонското Министерство за транспорт и врски, во кој се вели дека Центарот ќе има долгорочни негативни влијанија врз животите и имотите на луѓето кои живеат, пред сè, во населбите Бардовци и Волково, а потоа и на околните населби како Ново Село, Даме Груев, Злокуќани и Визбегово.

„Изградбата на прифатниот центар за странци во Општина Карпош се очекува да предизвика долгорочни негативни влијанија од социо-економски аспект, односно интеграција на прифатените странски државјани во социјалните текови на заедницата, потреба од отворање на нови работни места, сместување, комуникација со локалното население, ризици по здравјето и безбедноста на заедницата, а особено врз жените и децата“, се вели во докуметот на Министерството за транспорт и врски.

– Револтирани сме од односот на институциите кои ја започнаа изградбата без да информираат што ќе никне на 70.000 метри квадратни во наша близина, а манипулираа за неговата намена.

– Дека ќе бидеме „обезбедени и безбедни“ како граѓани сме убедувани со тоа дека огромниот објект, кој наводно се гради за 3 до 11 луѓе, ќе биде ограден со дупла ограда. Ние сме загрижени за сигурноста и животот на нашите деца!

Бардовчани, како поткрепа на општото незадоволство на населението неодамна собрале околу 1200 потписи од вкупно 1600 граѓани на Бардовци. Сите потпишале ПРОТИВ изградбата на овој Прифатен центар за странци. Тие гласно го поставуваат прашањето дали Владата треба да остане глува на еден крик, на апел од цела една населба, од толку многу незадоволни граѓани.

Во последниот период, властите немаат аргументи против нашите аргументи и најчесто манипулираат со лексиката, дека нема да се гради камп за бегалци, ниту камп за мигранти, туку тоа ќе бил Прифатен центар за странци. Нам тоа ништо не ни менува, велат Бардовчани. Затоа тие наведуваат одговори на неколку наметнати дилеми, односно манипулации кои ги користат општина Карпош и Министерот за внатрешни работи.

„Општина Карпош и МВР негираат дека се гради камп за мигранти, туку велат дека станува збор за Прифатен центар за странци, кој се гради надвор од населеното место Бардовци, во близина на скопската обиколница. Овој Прифатен центар ќе прифаќа лица на кои не им е утврден идентитетот, кои најчесто ќе се враќаат во земјата од која дошле. Во овој објект ќе се згрижуваат и странци, сторители или сведоци во кривични постапки кои се водат на наша територија, при што привремено се задржуваат тука, да дадат исказ и да помогнат во постапката.

И општината и МВР велат дека тука ќе се сместуваат луѓе кои имаат проблеми со законот. Дали е важно дали ќе ги нарекуваме странци, бегалци, мигранти… И ако веќе си играме со лексиката, со која како единствен аргумент располага власта, тогаш прво сите наведени се странци. За нашинците, имаме термин внатрешни раселени лица. Значи, сите тие се странци и толку за лаксиката. Тоа не е аргумент, со кој за жал единствено располага власта, било локална или извршна“, се наведува во текст на еден печатен медиум.

Во нареден текст се вели:

„Ваков центар се гради, затоа што постоечкиот објект во Гази Баба, којшто со години се користи за иста намена, не исполнува ниту елементарни услови за прифаќање на странците и притоа е лоциран во населено место. Изведбата и надзорот на објектот ја врши Делегацијата на Европската Комисија, а финансиран е во рамки на ИПА фондовите на Европската Унија“, појаснуваат од општината. Објектот кој се гради треба да има висок степен на безбедност, ќе располага со електронска опрема за следење на лицата кои се прифатени, видео надзор, заштитни прозорци и врати“.

Дали досегашниот градоначалник е упатен дека дел од населението од населбата нема исто така елементарни услови за живот? Нема улици, канализација, слаб водовод? А тој е целосно преокупиран со условите на странците! Зошто не го реновираат тој објект? Второ, досегашниот објект бил во населено место и според општината тоа е проблем?! А се гради на 75 метри од првата куќа во Бардовци! Дали Бардовци не е населено место?! Дали се гледа во плановите за иднина? Тој објект ќе заземе одлична позиција во Бардовци. И не е никако надвор од населено место како што се манипулира.

А за тоа дека парите на ИПА фондовите на Европската Унија се користат за да предизвикаат бунт и револт на цела една населба од главниот град, ние ќе ги информираме странските амбасади и пред се канцеларијата на ЕУ. Нека знаат за што и како се користат нивните пари.

„Сместен на североисточната страна од локацијата, затворен со свој двор, сообраќајници и пристапи, при што затворениот простор е со опфат помал од 20 отсто од целокупната локација која е на располагање“,  истакнува министерот Оливер Спасовски

.20% од 70.000 метри квадратни е 14000. Ова значи дека се гради објект од најмалку ЧЕТИРИНАЕСЕТ ИЛЈАДИ метри квадратни. Кога на оваа математика ќе се додаде небулозата дека е за 3 до 11 луѓе, навистина е смешно во што сакаат да не убедат!

„Со потполно имплементирани современи мерки во однос на безбедноста. Целокупната локација е обезбедена со безбедносна ограда која претставува надворешен заштитен појас, како и втор појас на заштитна ограда околу самиот објект, формирајќи на тој начин сопствен круг околу објектот со свои интерни улици за пристап, со цел беспрекорно функционирање на овој центар како посебна издвоена целина“, додава Спасовски.

И тоа во населено место меѓу нас Бардовчани. Дупли огради и заштити. не, не сакаме да се изгради, не ни требаат огради!

Бардовчани велат дека нема да отстапат од нивната борба. Велат дека излез треба да најдат властите. Односно да најдат нова локација и да го дислоцираат овој објект од нивната средина. Затоа што, тие ќе продолжат со опомените сега, пред да изникне објектот, а за понатаму никој не може да гарантира како ќе се одвиваат работите.

Бардовчани велат дека револтот и гневот се огромни и понатаму ништо не е исклучено! Модерното време познава голем број на начини на борба и притисок. Денеска блокираме наши крстосници, утре не можат да кажат што и како ќе се случува.