Најмалку 15 милиони дози од вакцините против коронавирусот се фрлени во Соединетите држави од 1-ви март, објави во средата телевизиската мрежа NBC News, пренесувајќи информација од американските здравствени власти.
Оваа бројка фрлени дози е пријавена во Центарот за превенција и контрола на болестите (CDC), главната сојузна агенција за јавно здравство, од страна на американските сојузни држави и аптеките коишто ја администрираат вакцината.
Во извештајот на телевизијата се наведува дека оваа бројка најверојатно е потценета, бидејќи некои сојузни држави и сојузни агенции не располагаат со такви податоци.
Причините за фрлањето на вакцините се различни: истекување на рокот, грешка при разредувањето, проблемите со чувањето на извонредно ниските температури, имено за главните вакцини кои се користат во САД на „Pfizer/BioNTech“ и на „Moderna“ базирани на платформата mRNA, потребни се поларни темпертури од неколку десетици степени Целзиусови под нулата… Покрај тоа, по отворањето на шишенцето кои содржи по неколку дози, вакцината мора да се потроши во рок од неколку часа и ако нема заинтересирани, таа пропаѓа.
Иако некои добавувачи известиле за илјадници дози фрлени наеднаш, најчесто станувало збор за само четири дози фрлени одеднаш, се наведува во прилогот на NBC News.
Два големи американски синџири на апатеки „Walgreens“ и „CVS“ објавија податок за повеќе од два милиона фрлени дози поединечно, а малопродажните синџири „Walmart“ и „Rite Aid“ за повеќе од милион фрлени дози.
Претходно податоците на американските здравствени власти зборува дека од почетокот на кампањата за вакцинација во САД во декември 2020 година до март 2021 година биле фрлени околу 200.000 дози од вакцините.
Од 15 милиони дози фрлени потоа, повеќето се фрлени во текот на летово во периодот од јуни до август, се истакнува во информацијата.
Оваа бројка е само дел од бројката дози од вакцините против коронавирус дистрибуирани во САД од ланскиот декември од речиси 444 милиони дози, и бројката на пријавени потрошени дози од 371 милион.
Меѓутоа, разликите во вакцинираноста во светот и натаму се многу големи, а трката во набавките на резерви од вакцините на богатите земји е причината што многу земји досега успеаја да вакцинираат само мал дел од своето население, особено африканските држави.
„Ова е прашање на праведност. Имате многу богати земји на коишто вакцините им се достапни и коишто едноставно ги фрлаат дозите.“, коментираше за NBC Тим Доран, професор по јавно здравје на Универзитетот Јорк.
САД на почетокот од август објавија дека на други земји им испратиле 110 милиони дози од вакцините, а на крајот од август започнаа со дистрибуцијата на дел од донацијата од 500 милиони дози од вакцината на „Pfizer/BioNTech“ ветени за сиромашните држави.