Без разлика на одлуката и однесувањето на раководството, ги повикувам симпатизерите на Левица да нè поддржат во општините каде немаат свој кандидат.
За возврат, во вториот круг, каде што ВМРО-ДПМНЕ нема да има свој кандидат, ќе повикам да се поддржат кандидатите на Левица, повтори во четвртокот во својата објава на социјалните мрежи лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.
Претходно во средата вечерта во текот на гостувањето на телевизија Алфа, Мицкоски појасни дека неговата цел е да „подаде рака“ кон сите политички субјекти кои се идентификуваат како опозициски со цел да се формира заеднички политички блок.
„На тој начин полесно ќе направиме делегитимирање на власта“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Заспиј ако можеш“, говорејќи за понудата до раководството на Левица да ги поддржи кандидатите на опозицијата, доколку оваа партија навистина сака да ја делегитимира власта.
Мицкоски изрази зачуденост од неможноста да се види крајната цел на неговата иницијатива да се формира поширок опозициски блок. Притоа ги повика членовите, симпатизерите на Левица онаму каде немаат кандидати да ги поддржат оние на опозицијата.
„Жалам што раководството на Левица не ја препозна шансата за обединување против Заев, ги повикувам нејзините гласачи да ги поддржат кандидатите на опозицијата таму каде Левица не одат со свои кандидати, а јас ќе повикам во вториот круг таму каде нема да имаме свои, да се поддржат кандидатите на Левица“, заклучи Мицкоски.