Сочувства за тетовската трагедија од Белгрaд и Атина

Српскиот претседател Александар Вучиќ во телфоснки разговор во четвртокот со македонскиот премиер Зоран Заев, и по повод пожарот во болницата во Тетово, во име на сите српски граѓани изрази сочувство до семејствата на жртвите.

„Граѓаните на Србија се во болка заедно со луѓето во Тетово. Подготвени сме да пружиме секаква братска помош, бидејќи граѓаните на Македонија не се сами во оваа трагедија, потенцираше Вучиќ во телефонскиот разговор со премиерот Заев“, соопштија од прес–службата на српскиот претседател посакувајќи им на повредените  брзо и успешно закрепнување.

Речиси сите српски медиуми од синоќа и денес ја информираат српската јавност за големата трагедија со пожарот во ковид-болницата во Тетово.

Истовремено со објава на Twitter сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот и владата на Македонија по синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово, изразија од Министерството за надворешни работи на Грција.

„Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија“, напишаа од грчкото МНР.