Лозарите незадоволни, како што велат, од манипулативниот однос на визбата, денеска попладне започнаа протест пред „Тиквеш“, а според објавите на видео-материјали на социјалните мрежи, тие влегоа во просторот на винарската визба.
Кавадаречките лозари не можеа да го предадат своето грозје во ВВ „Тиквеш“ поради зголемувањето на шеќерноста при прием од 20 на 21 шеќерна единица од страна, поради што не беше откупувано грозјето под 21 малиган.
Повеќе лозари добиле покани за да берат „картошија“, но откако стигнале со полни трактори пред визбата им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено, доколку не надминува 19 малигани.
Потоа за грозјето со 19 малигани и помалку им била понудена цена од само 8 денари за килограм. Тоа ја прелеа чашата и лозарите почнаа да го истураат грозјето од приколките пред влезот на винаријата.
Претходно седмицава министерот за земјоделство Арјанит Хоџа на лозарите им вети дека ќе се откупи целото произведено грозје и дека откупната цена за оваа реколта изнесува 11 денари за „смедеревка” и 12-13 денари за „вранец”.
Иако се чинеше дека најголемата винарска визба во земјава „Тиквеш“, ќе го почитува договореното и ќе плаќа по 11 денари за „смедервката“ и 13 за „вренец–картошија“, сепак тоа не случи.
„Разговаравме со менаџерскиот тим кој предложи решение, но од страна на лозаропроизводителите беше одлучено да се продолжи со протестот со истурање на грозјето пред влезот на винаријата на неколку трактори.
Морам да напоменам дека бев во постојана комуникација и со премиерот кој изрази разбирање за протестите на лозарите и во знак на поддршка презеде обрвска да се обештетат сите лозари чие грозје не е откупено денес заради помала шеќерност. Се надевам дека во текот на утрешниот ден со оглед дека нема многу време за преговори ќе се изнајде решение на проблемот, за што постојано ќе бидеме вклучени во преговорите“, објави на својот фејсбук статус на Даниела Колева, но тоа очигледно не влијаеше смирувачи врз лозарите кои се чувствуваат измамени од ветувањата на владата на премиерот Зоран Заев.